ДОМ задоволни што Владата не го продолжи рокот за еколошко прилагодување на компаниите

 

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) е задоволна што македонската Влада одлучила да не го продолжи рокот за еколошко прилагодување на големите загадувачи.

- ДОМ подолго време води принципиелна кампања за строго почитување и примена на законот за животна средина, заедно со граѓаните и невладините организации.  И овој пат се покажа дека принципиелните битки даваат резултат и се постигнува општограѓански консензус во интерес на здравјето на граѓаните и животната средина како што беше пример со Топилницата во Велес и Железарата во Неготино. ДОМ е  задоволен од одлуката на Владата за одбивање на барањата кои во последно време беа многу интензивни, од страна на големите комбинати кои вршат загадувања на животната средина со цел одложување на претходно зацртаните рокови за дополнителни 5 години, односно до 2019 година, рече денеска, Златко Јордановски, хемиски инжинер и член на Комисијата за екологија на ДОМ.

Според Јордановски, тоа е логичен одговор за компаниите кои имаат позитивни биланси а не сакаат да вложат ни 1 процент од годишниот профит за заштита на вработените, на луѓето и на околината.

- Станува збор за најголеми нето извозници и тоа нас особено не радува, заради фактот што имаат голем број на вработени и големо позитивно влијание на буџетот и  вкупниот извоз на земјата, но се е бесцелно ако се прават профити на сметка на здравјето на луѓето. Потврда за тоа се и енормно зголемениот број на канцерогени неоплазми и алергии во последниве 10-тина години. Компаниите мора да бидат општествено одговорни и да ги почитуваат роковите и законите за заштита на животната средина, истакна Јордановски.

Од ДОМ бараат да продолжи имплементацијата на постапките за добивање на еколошки интегрирани дозволи кои требаше до сега да бидат применети и фирмите да бидат готови или во најмала рака пред реализација на истите.

- Исто така предлагаме, доколку некои од фирмите не се во состојба заради финасиски причини да ја започнат постапката, Владата да им излезе во пресрет со поволни т.н. „меки“ кредити кои ќе може да ги враќаат под поволни услови и минимални камати, при што потсетуваме дека на Македонија сеуште и стојат на располагање неискористени средства од европски фондови, специјално наменети за јакнење на институционалните капацитети во животната средина, рече Јордановски.

Од ДОМ бараат да се интензивираат инспекциските надзори кај фирмите кои започнале со примена на мерките за еколошко прилагодување. 

14.09.2013 - 13:11

најчитано сега