Чешка може да го уништи хемиското оружје на Сирија
Чешката единица за хемиска одбрана која важи за една од најдобрите во Северноатлантската алијанса, стои на располагање за уништување на хемиското оружје на Сирија, информираше чешкиот министер за одбрана во заминување, Властимил Пицек.
- Чешка е способна да учествува во уништувањето на хемиското оружје или заштитата од него, оцени Пицек. Тој не сака да прејудицира дали ќе дојде до тоа бидејќи земјата нема добиено официјално барање.
- Во расплетот на многу сложениот сириски конфликт главно е ангажирана меѓународната заедница и Чешка во тоа не игра никаква улога, рече Пицек додавајќи дека остварување на некаква контрола над хемиското оружје на Сирија не е досега опфатено со ниту една меѓународна организација, ниту ОН, ЕУ или НАТО.
Граѓанската војна во Сирија кулминираше во август поради наводниот хемиски напад југоисточно од Дамаск, за кој меѓусебно се обвинуваат сириската Влада и бунтовниците. САД за хемискиот напад го обвини сирискиот режим и се закани со воен удар врз Сирија. Американски и руски претставници моментално разговараат за рускиот план за контрола на сириското хемиско оружје.