Дулиќ очекува усогласен став за постапката за носење на буџетот

Работната група за имплементација на препораките на ад хок комисијата ќе се обиде на последната седница на Собранието овој месец да излезе со усогласен став за начинот на донесување на буџетот со цел евентуално да се овозможи Владата да го достави буџетот на 1 октомври и потоа во собраниска процедура да се пристапи кон негово усвојување, вели во интервју за МИА Благородна Дулиќ, член на работната група, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Законодавно-правната комисија.  

- Интензивно работиме на усогласување на ставовите околу постапката за носење на буџетот од причини што ни претстои носење на буџет за наредната 2014 година. Едновремено ги разгледуваме и препораките за интервенција во Деловникот за работа на Собранието во врска со постапките пред работните тела коишто не беа изрично пропишани досега, рече таа.

На последниот состанок на групата во средата, како што информираше, усно биле изложени ставови на кој начин треба да се води постапката по буџетот.

- Тука имавме два спротивставени концепта. Од страна на колегите на СДСМ се предложи со утврдени рокови по доставување на буџетот да се разгледа на матичното тело предлог буџетот со тоа што понатаму во утврдени рокови да се дискутира и на пленарната седница, меѓутоа се предлага учеството на Владата да не биде со поднесување на завршен дополнет предлог за буџетот, туку Владата да се произнесе откако ќе заврши амандманската расправа. Ние со тоа не се сложивме од причини што при носење на буџетот условно речено главни играчи се Парламентот и Владата. Значи и досега и во напоредното право што сме го учеле, Владата е таа што ги разгледува сите параметри коишто се одлучни за носење на буџетот - приходна страна, расходна страна... така што не би можело да се дозволи таа улога да се пренабрегне. Инсистираме на тоа пред пленарната седница Владата да го има последниот збор во однос на содржината на буџетот и со тој дополнет предлог откако ќе заврши амандманската расправа да се оди на пленарна седница конечно на усвојување, објаснува во интервјуто пратеничката.

Што се однесува до Деловникот за работа на Парламентот, во една од препораките е предвидено да се утврдат правила за работење на работните тела.

- Со оглед дека не е предвидено кои мерки и на кој начин претседателот на комисијата ја води постапката пред комисијата, измените би се однесувале за учество на пратениците во дискусиите, за учество на пратениците по амандманската расправа, ограничување на дискусиите, ограничување на време на реплика, ограничување на време за контрареплика, евентуално воведување на ред во Комисијата односно какви овластувањата треба да има претседателот... опомена, одземање збор, отстранување од седница и тн. за создавање ред, евентуално повикување на обезбедувањето... Ако нешто посебно се уреди како лекс специјалис во одредбите за работа на телата тоа ќе важи, ако не ќе се применува се она што е предвидено за работата на пленарната седница. Ова се итни работи во однос на буџетот.  Исто така во однос на буџетот ќе се предвидат посебни рокови за дискусија. Ние инстираме по амандманите да треба да дискутира само поднесувач или претставник на поднесувачите на амандманите, а не и другите пратеници. Тоа на опозицијата не и одговара, вели Дулиќ. 

Следната средба на групата е во понеделник, време кое пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе го искористат за консултации со базите.   

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ е оптимист дека работната група ќе ги имплементира препораките на ад хок комисијата и нагласува дека ова е многу важна работа за Република Македонија и заради тоа очекува сериозност од сите учесници во постапката, но сепак изразува резерва имајќи го предвид она што се случуваше во ад хок комисијата.

- Меѓутоа, искуството и работата во другата ад хок комисија ме демантира во ова што го кажувам сега заради тоа што и таму оптимистички почнавме да работиме и се до една фаза одлично се одвиваа работите со тоа што на сите беше предвид тоа да не бараме виновници и да сечеме глави на кого било туку да ги испегламе работите тие немили настани да не се повторуваат во иднина никогаш. Ние со настаните што претходеа пред се на 24 декември, 24 е само последица, значи сме уникатни во Европа и во светот. Мислам дека при ваква јасна препорака да не се имплементира тоа веќе ќе се стави знак дека не се сака да се стави ред во работата, изјави Дулиќ во интервјуто за МИА.

13.09.2013 - 13:41
Фото: 
окно

најчитано сега