Есма ја прими титулата „Национален уметник на Република Македонија“

Познатата Есма Реџепова-Теодосиевска денеска ја прими титулата „Национален уметник на Република Македонија“. Оваа ценета титула, на Есма и ја додели македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Со вакво признание во културата се закитуваат личностите кои придонелеза афирмација на Република Македонија во светот. Кралицата на ромската музика, има богата и меѓународна музичка кариера која непрекинато трае 55 години, но титулата и се доделува и за нејзината хуманост и за подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, зашто со сопругот Стево Теодосиевски  се грижела за 47 бездомни ромски деца и го сменила нивниот живот.

Иванов на свеченото врачување на титулата рече дека признанието е благодарност за нејзината мисија на  врвен уметник и културен амбасадор на државата.

- Од најраната младост, Есма постојано и безрезервно не дарува сите нас со својата музика, хуманост и љубов. Со својата прекрасна музика, таа допира до срцата на многумина и во земјата, но и надвор од неа. Со секоја испеана песна, снимена плоча и одржан концерт, таа ни овозможува одново да уживаме во нејзиниот уникатен глас, но и во хуманата порака што ни ја пренесува. Музиката на Есма е музика на Македонија, на нашето многуетничко, многујазично и многурелегиско општество. Тоа е музика што поврзува наместо да одвојува... Есма ги надминува границите на семејството. Ангажирајќи се за подобрување на економската и социјалната состојба на Ромите, таа стана симбол на целата ромска заедница како нераскинлив дел на македонското општество, рече  Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека Есма Реџепова со своите бројни изведби и креации, со талентот и умешноста создала вредности кои, рече таа, се наш печат за идентификација со светот.

- За Есма Реџепова може да се зборува многу. Таа е веќе лесно препознатлив македонски бренд. Не постои континент и нема земја која Есма ја нема освоено со својата песна, со својот раскошен глас, со својот темперамент. Голема и неповторлива, кралицата на ромската песна живее со репутацијата на светски уметник со импозантна кариера. Повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени преку 60 албуми - ова се основните контури на уникатноста кои ја прават Есма Теодосиевска единствена, рече министерката за култура.

Есма Реџепова-Теодосиевска задоволна од одлуката нејзе да и биде доделено високото признание се заблагадори на нејзината менаџерска куќа што ја предложила за наградата, а на Владата на РМ и на министерката Канческа-Милевска за тоа што прават да се вреднува трудот на уметниците и тие да бидат среќни. Нагласи дека признанијата треба да доаѓаат за време на животот и нив ги посака и за своите колеги и пријатели што присуствуваа на свеченоста.

- Многу сум среќна денеска. Имам многупати изјавено дека кога ќе умрам не сакам ништо да ми се прави, тоа сакам да го видам сега, додека сум жива. Јас сум едно големо дете на Македонија, а во суштина многу мала и многу приземјена. Сакам живот со народот, со сите сограѓани во Македонија, додаде Есма.

Реџепова е трет  носител на титулата Национален уметник, која ја имаат и пијанистот Симон Трпчески и режисерот Милчо Манчевски. Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.

13.09.2013 - 13:29
Фото: 
хитпортал