Опасни стомачни вируси ја нападнаа Македонија

Македонија ја “нападнаа“ стомачни вируси. Ако повраќате, имате пролив, грчеви во стомакот, но и покачена телесна температура, значи дека и вие сте една од жртвите на лесно преносливиот стомачен вирус.

И настинките се тука. Тие предизвикуваат мала температура, течење на носот, кивање и кашлање. Докторите советуваат да се облекувате соодветно на надворешните температури, но и да внимавате на хигиената.

Д-р Катерина Старковска, матичен педијатар, за Нова Македонија вели дека има зголемен број пациенти-дечиња кои повраќаат и имаат проблем со столицата.

- Многу од дечињата се вратени од одмор и таму добиле вирус. Ги советувам родителите да ги донесат децата ако повратат неколку пати, со течни столици, температура. Детето не треба да се доведе во опасност од дехидрирање, вели д-р Старковска за Нова Македонија.

Инфектолозите советуваат да се внимава на хигиената и на храната која се внесува.

Докторите велат дека стомачниот вирус поминува без некој специфичен третман, проблем може да предизвикаат повраќањето и проливите кои доведуваат до дехидрација, губење на вода во организмот, па лекувањето во тој случај е насочено кон тоа. Дехидрацијата може да предизвика сериозни ефекти врз малите деца и постарите луѓе.

Симптоми на дехидрираност се:  сува уста, зголемена жед, пропаднати очи, намалено количество урина, слабост, лесни главоболки. Овие вируси оштетуваат една од обвивките на цревата а некои од нив предизвикуваат и крвави проливи. Вирусите траат околу една недела.

Доколку имате стомачен вирус, пијте топли напивки, на пример, руски чај и ставете се на мала диета. Првиот ден се јадат варени компири, тврдо варени јајца, двопек, чај, сирење. Вториот ден може да се вклучи ориз, како и пилешко. А третиот ден се консумира нормална исхрана.

13.09.2013 - 09:51

најчитано сега