МВР: Жерновски со лаги и манипулации ги покрива целовечерните забави во Словенија

 

Веќе никого не изненадуваат обидите за манипулации и пласирањето лаги, бидејќи е сосема очекувано неработењето и непознавањето на законската регулатива, како и еднонеделното отсуство од работа и целовечерните забави во Словенија да се покриваат на ваков несериозен начин, е реакцијата од МВР на изјавите на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Граѓаните и на град Скопје и на општина Центар и целата држава, се подвлекува во реакцијата, седум пати по ред во огромно мнозинство ја отфрлаат ваквата деструктивна политика, давајќи поддршка на градењето просперитетна иднина.

- Со денешниот настап Жерновски и Манчевски докажаа четири работи. Корисникот на земјиштето преку општина Центар ја има прибавено целата неопходна законска документација. Лицата кои го узурпирале земјиштето го правеле тоа политички, самоволно и надвор од сите важечки закони, нанесувајќи му материјална штета на кориснико. Полициската асистенција е во согласност со законските норми и нема ниту една претставка или поплака на полициското постапување, се појаснува во писмената реакција од МВР.

Според МВР, врвот на СДСМ или не ја познава законската регулатива или намерно застанува на страна на прекршителите на законот.

- СДСМ практично предлага дека кој сака, кога ќе посака може да влезе во сечиј дом и институциите не смеат да помогнат иако граѓанинот поседува доказ за сопственост. Граѓаните знаат дека форсирањето на ваква политика на непочитување на законите, самоволие и анархија е погубно за секоја држава. Граѓаните знаат дека ваква политика на штитење нечии лични интереси и игнорирање на законите можеби наликува на мрачното минато на Македонија од времето на Бранко Црвенковски, но не и на земја аспирант за влез во евро-атлантските асоцијации, се вели во реакцијата.

МВР работело, работи и ќе продолжи да работи согласно законите, постапувајќи неселективно и во одбрана на демократијата, стои во писмената реакција. 

12.09.2013 - 15:52

најчитано сега