ВМРО-ДПМНЕ побара анулирање на акцизата за дизелот - СДСМ одговори
ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа владејачките партии да го прифатат предлогот за анулирање на акцизата за дизел горивото.
- Сведоци сме дека недела по недела, месец по месец, откако дојде Владата на Зоран Заев и Драган Тевдовски, цената на дизелот оди нагоре. Од 46 денари сега цената ќе биде 63 денари. Граѓаните на Република Македонија плаќаат енормно високи цени поради неодговорната фискална, буџетска и економска политика на Владата на Зоран Заев и Драган Тевдовски. Од тие причини, бараме и апелираме до пратениците од СДСМ, на претстојната Комисија за финансирање и буџет, како и до владините претставници од СДСМ и Зоран Заев да го прифатат разумниот предлог од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е да ја анулираат акцизата од 3,5 денари која што ја наметнаа на први јануари, побара Ѓорчев.
ОД СДСМ одговорија:
- ВМРО-ДПМНЕ глуми загриженост, акцизата не влијае врз раст на цените, преку конкретни мерки се обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните ВМРО-ДПМНЕ партијата којашто со криминалното, неодговорно и расипничко владеење го урниса животниот стандард на граѓаните, денес како опозиција продолжува со лицемерно однесување и лажна загриженост. Зголемувањето на акцизата за нафтата не влијае на покачување на цените на мало. Сите енергенси учествуваат со 10 отсто во вкупната цена на производите, а акцизата е зголемена за само мал дел од тие 10 отсто, што е незначително за вкупната цена. Растот на минималната и просечната плата, зголемените пензии и субвенции за земјоделците, намалувањето на трошоците преку укинување на радиодифузната такса и воведувањето евтина тарифа на струјата се мерки што обезбедуваат повеќе пари назад кај граѓаните, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа