Хајредин Кучи денеска доаѓа во Македонија - Сарачини очекува решение за трговската војна со Косово

Косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи во текот на денов треба да пристигне во Македонија и да има средби со високи владини претставници. Очекувам по средбите да се донесе решение за проблемот со трговската војна со Косово, најави министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната заедничка работилница со ЕВН Македонија.

Тој посочи дека Македонија и Косово имаат одлични политички и економски односи и дека моменталната ситуација не му одговара на никого.

- Изнаоѓањето решение е врвен приоритет на владите на двете земји и треба да се случи. По средбите што ги имавме во Приштина со министерот за трговија и финансии, сметам дека работите се движат во вистинска насока. Дијалогот е почнат, создадени се услови за отпочнување на процес кој треба да придонесе до заемно прифатливо решение за двете страни. Денешната средба на високо владино ниво треба да резултира со конечно решавање на проблемот, изјави Сарачини.

Нагласи дека луѓето од двете земји и економиите имаат изградено цврсти релации и актуелната ситуација не му одговара на никого.

- Огромни штети секојдневно трпат компаниите, но се спречува и слободното дижење на луѓето така што очекувам денеска да се изнајде конечно решение, истакна Сарачини. 

12.09.2013 - 11:29

најчитано сега