Уапсен Тери Џоунс - контроверзниот протестантски пастор

Синоќа во американската сојузна држава Флорида полицијата го уапси контроверзниот протестантски пастор Тери Џоунс, додека се подготвувал за јавно спалување на речиси 3.000 примероци на муслимансата света книга Куранот.

Свештениците Тери Џоунс и Марвин Сап биле приведени додека патувале со пикап во кој имало скара исполнета со курани полиени со керозин.

Тие се под обвинение за незаконски транспорт на гориво. Покрај ова, Џоунс е обвинет и за незаконско носење на огнено оружје, а Сап и затоа што немал соодветна регистрација за приколката што била закачена за пикапот.

Џоунс изјави дека одел кон блискиот парк каде имал намера јавно да спали 2.998 примероци на Куранот, „по еден за секоја жртва на нападите од 11 септември“ 2001 година.

Евангелистичкиот пастор Тери Џоунс го привлече внимението на јавноста во 2010 година, кога најави дека на годишнината од нападите на 11 септември планира јавно да изгори примерок на Куранот, но во последен момент се откажа од таквата идеја.

Неговата конгрегација во март 2011 година спали примерок на Куранот, а лани тој беше еден од главните промотори на антиисламскиот филм „Невиноста на муслиманите“, кој предизвика масовни протести во муслиманските земји ширум светот. 

12.09.2013 - 10:59

најчитано сега