ВМРО-ДПМНЕ: Заев ја злоупотребува функцијата барајќи поткуп
Дури ни Вице не му верува на Зоран Заев кога вели дека се плашел некој да не му подметнел пари во Универзална сала! Сигурно и двајцата си се смеат кога отпосле ги слушаат лагите со кои срамно се потценува интелигенцијата на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на премиерот Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, целата јавност во Република Македонија виде како Зоран Заев бара поткуп од 200.000 евра. Оттаму велат дека Заев е единствениот човек во Европа кој е премиер, a за него постои јасен доказ дека ја злоупотребува функцијата барајќи поткуп.
-Граѓаните имаа можност да го слушнат и оштетениот бизнисмен кој и пред судот опиша како Заев му бара евро од метар квадратен за него, едно евро за партијата и едно евро за црквата. Со тоа македонската јавност се увери за каков корумпиран човек станува збор. Зоран Заев со државата се однесува како да е негов сопствен картел. Ги зароби судството и институциите и за да се спаси себе си, ги користи за да врши политички прогон на неистомисленици. Додека рочиштата на Заев траат со месеци и се одложуваат со нелогични изговори, рочиштата против неговите политички неистомисленици експресно се процесуираат. Заради притисоците на власта, правдата не важи за сите подеднакво. Зоран Заев нема кредибилитет да биде Премиер на Република Македонија. Правосудните органи мора да се ослободат од стегите на картелот на власт и случајот со поткупот да го истераат до крај, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека законите мора да важат подеднакво за сите, а Република Македонија да стане држава каде владеењето на правото ќе биде единствениот принцип по кој ќе се водат институциите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа