Кина го поддржа рускиот предлог за Сирија

Кина го поддржа рускиот предлот за ставање на сирискиот хемиски арсенал под контрола на меѓународната заедница. Пекинг важи за страна која е против евентуални воени напади врз Сирија. 

- Го поздравуваме и му ја даваме нашата поддршка на рускиот предлог, изјави Хун Леи, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи за време на редовната прес-конференција.

Меѓународната заедница според него треба да се посвети повеќе на предлогот кој како што смета Леи води кон политичко решение на сириската криза и кон почитување на мирот и стабилноста во Сирија и регионот. 

Веќе две години како Кина го користи своето право на вето во Советот за безбедност на ОН против меѓународните повици за изведување поголем притисок врз режимот на сирискиот претседател Башар ел Асад.

Францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус го пофали притисокот на Западот, кој, според него, довел до „драстична промена“ во руската позиција кон хемиското оружје во Сирија.

Фабиус ги изрази „интересот и претпазливоста" на Франција кон поддршката на предлогот на Москва арсеналите со хемиско оружј на рускиот сојузник Сирија, да бидат ставени под меѓународна контрола и уништени.

Тој за радио „Европа-1“ изјави дека позицијата на Русија е „сменета, што е многу добро“. Министерот тоа му го препиша на западниот притисок и „поразителните докази“ за нападот со хемиско оружје во Сирија.

САД и Франција се заканија со воени дејствија по хемискиот напад од 21 август, во кој загинаа стотици луѓе.

Фабиус, исто така, предупреди дека откривањето и уништувањето на „над 1.000 тона хемиски оружја“ ќе биде многу тешко и ќе бара меѓународна проверка во ситуација на граѓанска војна што беснее во Сирија.

Синоќа, и американскиот претседател Барак Обама изјави дека рускиот предлог е „потенцијално позитивен“ развој на конфликтот и вети дека ќе го разгледа сериозно.

10.09.2013 - 12:41

најчитано сега