СДСМ ја сака цела БЕСА во владата, можна е рокада на ресори со ДУИ

Раководството на СДСМ му довери мандат на премиерот Зоран Заев да води преговори и да носи одлуки за проширување на парламентарното мнозинство и за реконструкција на владата, за што конкретни договори може да се склучат веќе следната недела, вели за Фокус висок функционер на СДСМ.

Како што вели тој за Фокус, најголемата владејачка партија посакува парламентарното мнозинство за да се засилат двата табора на поделената БЕСА, при што крилото на Биљал Касами контролира двајца, а крилото на Африм Гаши тројца пратеници.

Како што посочува тој, отворени се сите можни опции, вклучително и повлекување на министри од редовите на социјалдемократите без оглед на анализата за нивните резултати и постигнувања, како и трампа со ДУИ на ресори со иста тежина, како што се, на пример, министерството за правда и министерството за образование.

-Доколку БЕСА во пакет стане дел од парламентарното мнозинство, тогаш ние би можеле да отстапиме министерско место во интерес на стабилноста на владата и реформскиот процес, независно дали го предводи докажан министер или висок партиски функционер. За нас најважни се реформите и очекувањата на граѓаните. Откако започна процесот на подготовка на законски решенија за подобрување на состојбите во образование, сметаме дека има премногу простор за работа во ресорот правда – посочува функционерот на СДСМ за Фокус.

Иако екс министерот за правда Биљен Салији неодамна се повлече од функцијата, добро упатени извори од ДУИ коментираат дека овој ресор засега останува кај нив, со тоа што би можеле да го заменат за соодветен ресор моментално управуван од СДСМ, но во никој случај нема да го отстапат во корист на некој од новите коалициски партнери.

Од таму истакнуваат дека нивниот влог во правец на зајакнување на парламентарното мнозинство со БЕСА или евентуално друга опозициска парламентарна партија е да го предадат министерското место без ресор што остана празно по изборот на Рамиз Мерко за градоначалник на Струга на локалните избори.

-Новиот или новите владини партнери треба да бидат дисциплинирани во парламентот и да ги димензионираат нивните барања според реалната тежина во овој контекст и момент. Не може парламентарна партија со двајца или тројца пратеници да бара ресор, а секогаш еден од нив не е присутен во парламентот. Некои парламентарни партии го поддржуваат мнозинството и без да се дел до владата, а би се задоволиле само со директор – велат од ДУИ.

Воедно, на располагање на новите коалициски партнери им стои и вицепремиерско место за спроведување на реформи, кое Заев им го понуди на Алијсаната за Албанците откако им го „зеде“ министерството за здравство, но Зијадин Села ја одби ваквата понуда и ја напушти Илинденска, најавувајќи Алијанста на Албанците нема да бидат дел од Владата без избори.

 

 

 

13.04.2018 - 18:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега