ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните и Република Македонија станаа жртви на лошите политики на СДСМ

СДСМ ја зароби државата. Република Македонија назадува и на економски и на политички план. Граѓаните го плаќаат цехот и на свој грб ја чувствуваат неспособноста на Заев и врхушката околу него, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека корупцијата цвета, економијата тоне, капиталните проекти се во застој, а правосудните органи работат исклучиво по диктат на Зоран Заев.

-Катастрофални политики на економското цунами Заев-Тевдовски-Анѓушев  ја забетонираа македонската економија на дното на Европа со 0% раст. СДСМ за 10 месеци ја задолжи државата за 1,6 милијарди евра, а граѓаните не видоа ниту еден единствен проект.  Додека сите економски индикатори бележат пад, расте корупцијата. Според индексот на корупција на „Транспаренси интернешнл“, Република Македонија е последна во регионот и се најде на 107 место во друштво на земји како  Танзанија, Замбија и Тимор. Планот за реформи 3-6-9 доживеа тотално фијаско. Правосудните органи се целосно заробени, а Уставот и демократијата погазени. Наместо професионална администрацијата добивме партизирана, институциите наместо на граѓаните и служат исклучиво на власта, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека СДСМ за ја дефокусира јавноста од катастрофалните политики ги користи заробеното судство и обвинителство за прогон против политички неистомисленици.

-Десетици невини граѓани се жртва на политички прогон од страна на власта само затоа што си ја сакаат државата и не се согласуваат со политиките на Зоран Заев. Животот кој го ветуваа се претвори во беда, заложништво и несигурност. Граѓаните и Република Македонија станаа жртви на лошите политики на оваа неспособна власт. Оваа беззаконие и уништување на државата мора да запре. Државата не смее да биде заложник на Зоран Заев. СДСМ не може да обезбеди ниту праведност ниту економски раст. Граѓаните заслужуваат правна држава со стабилни институции. Тие заслужуваат економија која расте и нуди перспектива. Граѓаните заслужуваат подобро. Оваа влада мора да падне, истакнуваат од партијата.

 

 

 

11.04.2018 - 09:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега