„Ѕверовите ќе платат за злосторствата“ - екстрадиција на осомничените во Монструм по завршувањето на судскиот процес

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата првоосомничени за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро минатата година, ќе бидат екстрадирани од Косово штом заврши судскиот процес против нив за поседување оружје, изјави Петрит Селими, косовскиот заменик министер за надворешни работи, на конференција во Вашингтон, пренесува МИА.

Демири и Исмаиловиќ во март беа уапсени на Косово, откако со месеци се сметаше дека се во бегство, но се уште не се екстрадирани поради тоа што имаат и косовско државјанство, а во меѓувреме Косово почнат друг судски спор против нив.

- Нема никаква сомнеж дека убијци, луѓе обвинети за ѕверски убиства, ќе бидат предадени и ќе платат за нивните злосторства. Се работи за техничко прашање, кое не би сакале да се политизира или да се каже дека Косово не сака да ги предаде овие луѓе. Косово само сака да го заврши процесот почнат во Косово, за поседување оружје, а потоа веднаш ќе ги испорача таму каде што треба да одговараат за други злосторства кои ги извршиле. Не се работи за политичко, за етничко прашање или за одбивање да се соработува, туку е техничко прашање на веќе почнат процес во Косово, иако ова второто злосторство е далеку посериозно од илегално поседување оружје, изјави Селими на прашањето на МИА за досегашното одбивање на Косово да ги екстрадира Демири и Исмаиловиќ во Македонија.

Во претходна, спротивна изјава, косовскиот министер за правда Хајредин Кучи рече дека двојното, македонско и косовско државјанство на Исмаиловиќ и Демири може да ги заштити од екстрадиција.

Сепак, заменик министерот за надворешни работи Селими подвлече дека екстрадицијата ќе се случи веднаш по судењето во Косово, а дотогаш косовската Влада не може да се меша во судскиот систем.

- Во Македонија петмина недолжни рибари беа убиени, по што беа обвинети пет Албанци од Македонија со исламска афилијација. Двајца од нив беа уапсени на Косово, но бидејќи беа уапсени со илегално оружје, пред барањето од Македонија се покрена процес пред судот во Косово. Не можеме да го откажеме овој судски процес затоа што тоа ќе значи мешање во судскиот систем, рече Селими.

Тој коментираше и за појавата на доброволци, етнички Албанци од Косово и од Македонија, кои се борат во Сирија на страната на бунтовничките групи против режимот на Башар ал Асад.

Селими подвлече дека косовската Влада ја поддржува американската политика кон Сирија, но не го поддржува заминувањето на Косовци да се борат таму од верски причини.

- Секако не го охрабруваме или поддржуваме кој било од Косово кој оди во Сирија. Сметаме дека таму веќе има доволно луѓе кои водат војна, без и ние да ги вплеткаме прстите. Но, секогаш ќе има поединци кои ќе одат да се борат за оваа или онаа кауза. Тоа секако не е организирано - зборуваме за поединци, а не за групи на луѓе, изјави Селими.

Претходно, американскиот Стејт департмент изрази сериозна загриженост поради досегашните десетина Косовци и тројца Македонци кои беа убиени во борбите во Сирија. Стејт департментот соопшти дека работи за владите на повеќе држави, вклучително и на Балканот, околу овие борци, а за спречување нивната насилна идеологија да се вкорени во Сирија или во земјите од кои доаѓаат. 

10.09.2013 - 09:06

најчитано сега