Полскиот претседател пристигнува во Македонија

 

Претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија, на покана од шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.

Коморовски претпладнево ќе биде пречекан со највиоски државни и воени почести во Вилата Водно, по што ќе има тет-а-тет средба со македонскиот претседател Иванов, а потоа е предвиден и пленарен состанок на официјалните делегации.  

Во присуство на двајцата претседатели ќе биде потпишана Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за наука и високо образование на Полска за соработка во областа на науката и високото образование. Иванов и Коморовски ќе одржат заедничка прес-конференција, а ќе учествуваат и на Македонско-полскиот бизнис форум.

На свеченост во Вилата Водно, претседателот Иванов на својот полски колега ќе му врачи Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија. Орденот „8 Септември“ се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

Полскиот претседател Бронислав Коморовски денеска на првиот ден од посетата ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски.

Сопругите, пак, на двајцата претседатели Маја Иванова и Ана Коморовска во текот на денов ќе го посетат Музејот на Холокаустот, новиот објект на Македонскиот народен театар, Спомен куќата на Мајка Тереза, како и здружението за борба против ракот „Борка-за секој нов ден“.

Претседателите на Република Македонија и на Република Полска утре ќе престојуваат во Охрид, каде што ќе посетат повеќе културно-историски знаменитости.

10.09.2013 - 08:44

најчитано сега