ЕК ја фали Македонија - Бугарија ја напаѓа

 

Повеќе од еден месец до објавувањето на најновиот прогрес-извештај на Европската комисија за напредокот во евроинтеграциите на Република Македонија, претставник на Комисијата минатата недела на средба на Работната група за Западен Балкан (КОВЕБ) во Советот на Европската унија ја фалеше нашата земја за напредокот, но дипломат од Бугарија жестоко ја нападна барајќи одземање на препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на првата дебата на КОВЕБ во новата сезона на оваа работна група на Советот на ЕУ, македонското прашање минало со пофални тонови од ЕК, чиј претставник ги пофалил реформите, а посебно решавањето на собраниските настани од 24 декември 2012 година.

Според информациите од состанокот на КОВЕБ, по пофалните зборови од Комисијата, претставниците на земјите-членки на Унијата во голем дел потврдно го примиле сето тоа, дипломатот од Грција одмолчел, но затоа извесна Коева, дипломатка од Мисијата на Бугарија при ЕУ, жестоко ја нападнала нашата земја. Бугарската претставничка на КОВЕБ реагирала дека Македонија е во голема политичка криза, дека недостига демократски капацитет за функционирање и дека одбегнува да го финализира договорот за добрососедство со Бугарија. Поради тоа, дипломатката Коева побарала од Комисијата да додели негативен извештај без препорака за почеток на пристапните преговори, наместо да ја фали земјата.

Ова не е првпат Бугарија да игра ригидно кон нас и да ја презема антимакедонската палка од Грција во Брисел. Како што претходно објави МИА, веќе неколку месеци во Советот на ЕУ, Европскиот совет, Европскиот парламент и во Европската комисија, кружи „нон-пејпер“ документ на Бугарија во кој се наведува дека македонската нација е вештачка, дека нашата земја има фалсификувана историја и дека нашиот јазик е бугарски.

Она што охрабрува е дека Европската комисија и првиот човек за проширување на ЕУ, Штефан Филе, наголемо го подготвуваат извештајот кој поради последните настани во нашата земја се менува на позитивно и се очекува да содржи нова препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата. Формулацијата во однос на препораката може да биде поразлична во однос на претходните четири што ги даде ЕК, но суштината би требало да остане иста. 

09.09.2013 - 14:25
Фото: 
Новини

најчитано сега