Нимиц: „Во вистинско време и на вистинско место може да има дијалог на многу високо ниво“
Медијаторот на ОН Метју Нимиц денеска во Атина се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција Евангелоз Венизелос од кого уште еднаш ги слушна генералните грчки ставови во преговорите.
По средбата, Нимиц, информира дека состанокот со Венизелос бил многу конструктивен и оти „јасно ги сфатил позициите на грчката Влада“. - Тој ми кажа со што се согласува грчката страна, со што не се согласува и каков вид промени се прифатливи за грчката страна. Венизелос беше многу јасен во коментарите, рече Нимиц и додаде дека сега се јасно разбрал.
- Ова се тешки преговори и сметам дека е многу важно секоја страна целосно да ги сфати ставовите на другата страна и потоа, се надевам ќе се доближиме. За мене е најважно да продолжи дијалогот, и со тоа, се надевам ќе бидеме се поблиску и поблиску до взаемно прифатливо решение, истакна Нимиц.
На новинарско прашање дали се точни информациите дека неговиот последен предлог е „Горна Република Македонија“, медијаторот рече дека никогаш не открива за какви предлози станува збор. Понекогаш она што е објавено во медиумите е точно, понекогаш не е, истакна Нимиц и повтори дека нема да ги коментира предлозите.
Во врска со евентуална средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, медијаторот на ОН рече дека „во вистинско време и на вистинско место може да има дијалог на многу високо ниво“. Нимиц повтори дека тоа не е негова мисија и оти секој лидер се справува со работите поинаку.