Македонија го одбележува Меѓународниот ден на трудот

 

- Македонија денеска го одбележува 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот во чест и сеќавање на историската борба на работниците од целиот свет за унапредување на нивните права.

По тој повод Сојузот на синдикати на Македонија започнува со кампања за формирање локални економско – социјални совети. Целта е преку нив да се зајакнат структурите на локално ниво. Нивната функција е консултативно-советодавна, односно тие даваат свои мислења, препораки и предлози за одредени состојби и предлагаат начин на нивно спроведување. Досега се формирани локални економско – социјални совети во Кавадарци, Куманово, Струмица и Штип.

Ваквиот начин на одбележување на 1 Мај, Сојузот на синдикати на Македонија го практикува од 2010 година кога започна со кампањата за зголемување на членството. Во изминатите години беа спроведени кампањи за  донесување закон за минимална плата и за закон за мобинг. 

Празникот на трудот со непосредни средби со граѓаните ќе го одбележи и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Во Градскиот парк, кај Школка, претставници од синдикатот ќе ги информираат граѓаните за синдикалното движење, за правата на работниците, за значењето на празникот на трудот, како и за последните измени во одредени законски решенија и за начинот на синдикалното организирање.

Во пресрет на 1 Мај, вчера во Скопје беше потпишана и Повелба за солидарност меѓу Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Самостојниот синдикат на клиничките центри, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани и Синдикатот на македонската дипломатска служба.  

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија до 2006 година тој се празнуваше на 1 и 2 мај, но од 2007 година се празнува само на 1 мај.

Денот на трудот се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на првомајските демонстрации во Чикаго била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден, но полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации. 

ФОТО: Макфакс

најчитано сега