Димитров на средба со францускиот министер за Европа

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамките на својата прва работна посета на Француската Република, се сретна со својот француски домаќин, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

Од МНР соопштија дека на средбата министрите изразиле задоволство од заемните заложби за внесување нова динамика во политичкиот дијалог, кој е во функција на збогатување на севкупната билатералната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република.

Во разговорот, министерот Димитров го истакнал значењето што Република Македонија им го придава на односите со Франција, како на билатерален план, така и во контекст на европската и евроатлантската иднина на Република Макдонија. Тој му потврдил на својот француски колега дека Република Македонија настојува, преку своето проевропско надворешно-политичко делување, да ѝ биде сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница. Исто така, МНР Димитров го запознал својот француски колега и со преземените реформски активности на Владата во пресрет на европските и евроатлантските интеграции, но и пошироко, во контекст на улогата на Република Македонија, како катaлизатор на регионалната соработка и стабилност.

Министерот Димитров се сретнал и со Филип Етиен, дипломатски советник на францускиот претседател Емануел Макрон, каде аргументирал зошто Република Македонија е можноста за заеднички успех на Балканот годинава.

Посетата на министерот започнала со обраќање во реномираниот Институт за меѓународни односи - ИФРИ, каде што на темата „Постигнувањата на Владата на Република Македонија во насока на остварување на заложбите за интеграција во европските и евро-атлантските структури“ биле разменети мислења со француски експерти од областа на европските прашања, Балканот и меѓународната политика.

- Балканот е регион кој географски припаѓа на Европа и кој економски е во истиот брод. Балканската мигрантска рута покажа колку е важен овој регион за европската безбедност и колку е потребно предизвиците на регионот да ги решаваме заедно. Враќањето на геополитиката во нашиот регион, на некој начин, е резултат меѓу другото и на недостатокот на ангажираност од страна на ЕУ во изминатите неколку години. Се надеваме дека идните чекори, меѓу кои и извештајот на Европската комисија што го очекуваме на 17 април - ќе поттикне зголемена вклученост, истакнал Димитров.

Потребно ни е повеќе од Франција на Балканот, рекол Димитров и посочил дека би било добро да се зголеми присуството на Француските компании, но и на политичкото внимание.

- Свесен сум дека новото лице на Франција е фокусирано кон иднината на Европа, кон нејзината консолидација, кон обезбедување на обединет пристап за решавање на важните прашања. Се осмелувам да препорачам дека таа важна визија треба да опфати и таквиот активен европски ангажман на Балканот, истакнал Димитров.

За време на посетата, министерот Димитров ќе има средби и во Националното Собрание на Франција и Сенатот.

 

 

 

04.04.2018 - 17:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега