Груевски на Фејсбук со порака до власта: Немојте да го растурате она во што државата имаше најмногу успеси

Владата на СДСМ има план на постепено зголемување на даноците и придонесите. За тоа ја имаат известено Светската Банка уште во првите недели откако влегоа во владата и тоа лично министерот за финасии. При тоа нагласил дека тоа ќе го прават постепено. Во предизборниот период срамежливо и речиси неприметно говореа дека ќе се воведе прогресивен персонален данок на доход и дека за посиромашните ќе се намалел данокот, а за побогатите ќе се зголемел. Дури и објавуваа некакви бројки од типот од 10 на 9 за оние со помали приходи, и од 10 на 11 за оние со поголеми приходи. И толку. Чиниш незначителна и симболична промена. Но, по изборите нова песна. Таа старата песна беше за гласачите да им дадат гласови, а новата, за гласачите да им дадат пари, одкако веќе ги добија гласовите, напиша почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на социјалната мрежа Фејсбук.

Во продолжение Фејсбук статусот на Груевски.

Па така, изненадно и пред избори ненајавено најпрвин ги зголемија акцизите на нафтата, со што поскапе превозот, но и производството кое функционира на нафта. Тоа не ни го кажаа пред изборите. Нормално, не се извинија за тоа, туку ја набедија старата влада, како и за се друго кога носат непопуларни мерки.

Сега, дојде на ред персоналниот данок на доход. Ама не од 10 на 11 и од 10 на 9, туку од 10 на 18 за оние со плата над илјада евра. Некое време по ова зголемување на персоналниот данок, ќе следува дел по дел и зголемување на данокот на добивка, придонесот за пензиско, придонесот за здравство, а можеби и ДДВ-то, акцизите и царините. Како што кажал министерот за финасии во Светска банка: чекор по чекор.

Чекор по чекор ќе се одземаат пари од платите на вработените и ќе се ставаат во Буџетот. Повеќе пари во Буџетот, помала плата за тој што земал над 60 илјади денари плата. Освен ако сопственикот на фирмата не му ја зголеми плататa, тој што земал 60 илјади, во иднина ќе зема околу (грубо кажано) 55.200 денари само по основ на зголемување на персоналниот данок од 10 на 18%. Остатокот од платата ќе оди кај Заев и Тевдовски во Буџетот.

На здравје бричење и пострижување. Тоа што можеби истиот човек на база на сознанието дека има плата од 60 илјади денари, земал кредити за стан или за нешто друго, на кои можеби му оди повеќе од пола плата на рати и камати, нека му ја мисли тој.

Дојде живот. Потоа ќе земат пари и од компаниите, од нивната добивка.

Десничарската даночна филозофија, вели дека владата е лош стопанственик, и оставањето на што повеќе пари од добивката кај самите инвеститори е најдоброто нешто во економијата, бидејќи тие најдобро знаат како да ги реинвестираат и да отворат нови работни места. Владата е секогаш полош управувач со парите од приватниот инвеститор, и затоа треба плаќањето да се сведе на најмалку можно завземање од добивката, колку за основно опстојување на државата, и истовремено со други еконосмки мерки да се стимуллираат бизнисмените добивката да ја реинвестираат и да отвораат нови работни места, да донесат повисоки технологии, да остварат уште поголем извоз, а со таквото работење ќе се изврши притисок и за општ раст на платите во приватниот сектор, и за повеќе даночни приходи од новосодадената вредност.

Левичарската даночна филозофија тргнува од зголемување на даноците, па со тие приходи ќе го намалувале јазот меѓу богатите и сиромашните. На хартија може и да звучи симпатично, во реалноста речиси секогаш е лоша изведбата и резултатите и се сведува на популистички купувања гласачи и често намалување на економскиот раст истовремено..

Но и данокот на добивка ќе дојде на ред. Чекор по чекор.

Па повторно потоа ќе се одземе од приходите на вработените за пензискиот а потоа или истовремено и за здравствениот фонд.

На оној кој има нето платата од 61 илјди денари, со деновиве најавената мерка нето платата ќе му падне на 56.000 денари, кога ќе дојдат придонесите на ред, ќе му падне на околу 51.000. Но, со зголемувањето на придонесите, нема да се одземе само од оние што имаат плата од 61 илјади денари, туку од сите кои земаат плата. И оние со нето плата од 15 или 20 илјади денари. За нив допрва доаѓа животот со даночната политика на СДСМ најавена во Светската Банка. По пат ќе плаќаат поскапа нафта, но и поскапи производи во кои нафтата има посериозно учество во производството. За да се поднаполни уште малку Буџетот.

А понатаму можеби и поскапи производи со повисоки цени по основ на евентуален пораст на ДДВ и други давачки. Во духот на новите политики кои небиле популистички туку визионерски.

Политиката на ВМРО-ДПМНЕ на рамен данок одеднаш ја прогласија за популистичка, а нивната демек помодерна. Ептен е модерно качувањето даноци кога СДСМ е на власт. Од независноста на Македонија до денес, секогаш кога СДСМ е на власт како левичарска партија, даноците растат и секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт како десничарска партија, даноците се намалуваат. Додатно, во последните 11 години имавме најнизок во светот и рамен данок, за кој бевме еден од најпозитивните примери во светот. И не само што од секаде добивавме честитки и пофалби, туку добивме и многу инвестиции со кои се отворија 180 илјади нови работни места во Македонија. Да, со таа даночна политика, невработеноста опадна од 38,7% во 2005-тата на некаде околу 22% во 2017-тата, стапка на невработеност која во нашите програми, очекувавме дека ќе ја достигнеме дури кон крајот на 2018-тата, несметајќи дека ќе следат години на политичка криза и нејзино негативно влијание на економијата.

Посликовито кажано, во август 2006-та кога влеговме во владата, во Макеоднија, се на се, имаше околу 560 илјади вработени луѓе. Кога заминавме од владата минатата година ја оставивме Македонија со околу 740 илјади вработени луѓе и тоа се тие 180 илјади нови работни места. И сето тоа, со политиката на најниски даноци на светот и рамни даноци, за кои СДСМ подготвува промени и нивно зголемување. Уште тогаш кажав дека по инерција, невработеноста ќе паѓа уште 2-3 години по нашето заминување од власта, дури и да не дојде ниту една нова фабрика во меѓувреме, како што речиси и недоаѓа. Ова затоа што, оние фабрики кои веќе дојдоа пред година, две или повеќе, имаат зацртано развојни планови за раст и развој на бизнисот, како и раст на вработувањата за следните 2,3, 4 или 5 години. Тие имаат склучено однапред договори за продажба за повеќе години во кои секоја година се предвидени продажби на поголеми количини производи на нивните партнери во странство. Оттука, дури и ниту една нова фабрика да не дојде во Македонија, барем во првите 2-3 години извозот ќе расте и невработеноста ќе опаѓа заради веќе дојдените странски компании со планиран и осигуран развој со продажни договори.

Сите странски компании кои доаѓаа ни презентираа планови за вработување од најмалку 5 години. На пример, во првата година планирани се во една компанија нови 200 вработувања, во втората уште 200, третата нови триста и така до 5-тата до 1000 нови вработувања. Затоа што уште тогаш, кога почнаа да ја градат фабриката имаа склучено договори за извоз на нивниот производ кој се прави во Макeдoнија за наредните 5 или 7 години.

Мојата порака до власта е: немојте да го растурате она во што државата имаше најмногу успеси. Многу е лесно да се растури, многу е потешко да се изгради еден систем кој дава резултати на огромен број новоотворени работни места. Неколку години по ред од страна на релевантни меѓународни институции бевме прогласувани за држава која во претходната година имала најмногу вработувања по глава на жител во светот. Тоа не падна од небо…

 

 

 

 

04.04.2018 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега