Заев поголем оптимист по последната рунда разговори во Виена
Премерот Зоран Заев, денеска изјави дека е поголем оптимист по последната рудна разговори за името во Виена и дека се надева дека ќе се најде решение за спорот за името.
Тој истакна дека поканата за лидерска средба била испратена минатата недела, за секој да може да го организира времето поради велигденските празници и терминот 13 часот да го резервира за слободен.
- Но веројатно и поради други агенди на дел од учесниците, пред се, од опозицијата беше побарано овој постигнат напредок во разговорите да биде споделен на билатерални средби на министерот за надворешни работи со мене, со претседателот на државата, со претседателот на Парламентот, со шефот на опозицијата и со лидерот на ДУИ, а по Велигден, на 10 април, на пример да се одржи лидерска средба, пред се и како давање насоки и мислења пред следната рунда преговори што ја очекуваме после велигденските празници, рече Заев.
Според премиерот Заев, лидерска средба за името би можело да се одржи по велигденските празници.
- Денеска во 9 часот имав едночасовна средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Ги знам сите детали и драго ми е што можам да потврдам дека има позитивен исчекор во разговорите. Тоа, секако, е само исчекор. Условеноста во разговорите значи дека имало договор и за оние прашања кои сега се исчекор кога комплетно би се договорило се. Тоа дава можност на еден навистина отворен пријателски начин двајцата министри слободно да реазговараат за секој сегмент на чувствителноста на прашања за конечно да се изнајде решение за проблемот за името. Ако некој ме праша дали сум повеќе или помалку оптимист и позитивен, јас сум повеќе позитивен и поголем оптимист после оваа средба што Димитров ја имаше со Коѕијас во Виена под раководство на посредникот Метју Нимиц, изјави премиерот Заев.
Тоа, според него, било барање на опозицијата и тие го прифатиле, со конечна цел сите да бидат информирани, но и заедно да ги градат стратегиите за решение на спорот со името.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа