Докузовски: Ова е големо признание за мене и кошаркарите
Денеска во просториите на Владата на Република Македонија беа доделени државните награди „8-ми септември“ во областа на спортот.
-Ја користам оваа прилика најискрено да им честитам на овогодинешните добитници на Државната награда за спорт Зоран Михајлов, Живко Дуковски, Мирко Петровски, Златко Кесковски и секако Наградата за животно дело на Марин Докузовски. Се надевам дека со тоа што тие го сторија за својата земја ја заслужија честа да бидат оние кои кои на најмладите генерации и спортисти на нашата земја, оние кои што на светските спортски борилишта треба да го бранат македонскиот дигнитет, како што тоа го чинеа споменатите претставници на македонскиот спорт, ќе им го пренесат чувството на значај и вредност на спортскиот пиедестал во насока на афирмација на својата земја, што за нив треба претставува мотив сам по себе, изјави директорот на АМС Александар Пујовски, пренесе Курир.
Марин Докузовски кој ја доби наградата за животно дело изјави дека ова е големо признание за него и неговото семејство: -Ова е големо признание за мене, но не само за мене. Ова е признание и за моето семејство кое ми даваше несебична поддршка во сите победи и порази. Ова е големо признание за македонската кошаркарска репрезентација која го освои четвртото место во Литванија. Но, не е само во тоа четврто место, на тоа првенство ние доживеавме цела Европа да не почитува и што е најважно успеавме да го смениме нашиот менталитет и од многу тешки натпревари да станеме победници, изјави Докузовски.