Скопјани добија нова катна гаража

Премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска ја пуштија во употреба новата катна гаража лоцирана меѓу улицата „Св. Кирил и Методиј“ и булеварот „Македонија“.

Катната гаража има два ката под земја и седум над земја со 445 паркинг-места. Вредноста на проектот е 743 милиони денари.

Обезбедувањето паркинг-простор, според премиерот Груевски, беше и остана еден од најголемите приоритети како за локалната самоуправа, така и за Владата. Целта, додаде тој, беше да се обезбеди јавен паркинг-простор за потребите на објектите во поблиското опкружување, како и за посетителите на централното градско подрачје.

- Владата на Република Македонија и во иднина ќе продолжи да ги поддржува проектите на локалната самоуправа и на Градот Скопје кои значат издигнување на Градот Скопје во вистинска метропола вреднувајќи ги сите придобивки на модерното време за граѓаните да имаат подобар, поудобен и побезбеден живот. Ќе работиме на осветлување на скопските специфики кои ќе ги обединат сите генерации, рече Груевски.

Катната гаража, како што рече градоначалникот Трајановски, е современ  објект со модерен систем со видео-надзор, систем за следење на слободни паркинг-места и за насочување на возилата, осветлување и испочитувани стандарди за противпожарна заштита. 

08.09.2013 - 14:15
Фото: 
Телма

најчитано сега