Конференција на македонските студенти по економија: Без младите нема развој на бизнисот

Под наслов „Младите како фактор на лидерство за одржлив економски развој на Македонија“ во Крушево од 9 до 11 март се одржува тридневна конференција на идните економисти во организација на Студентскиот парламент при Економскиот факултет во Скопје.

Според Виктор Блажевски, претседател на студентскиот парламент целта е да се покаже дека многу е битно младите да стекнуваат самодоверба и да го покажат својот потенцијал.

- Образованието, но и дополнитената едукација и неформалното образование се битни за стекнувањето на самодовербата на младите да покажат лидерство и да докажат дека економскиот развој е кај нив, а не кај пензионерите. Целта на оваа конференција е да се вклучат младите во промени, да се подобри квалитетот на животот и да се стекнат лидерски вештини, рече Блажевски.

Со идните економисти во земјава дебатираат бизнисмени, професори и истакнати јавни личности, а констатацијата е дека без младите нема бизнис, особено во развојот и за да се запре одливот на млади едуцирани кадри од земјава многу е битно да им се даде заслужен финансиски поттик, да се ценат нивните идеи и слободата во креативноста.

- Стопанствениците сега се соочуваат со недостиг од млади, едуцирани кадри кои ќе придонесат во развојот на компаниите и на општеството. како да се задржат младите? Прво е потребна соодветна плата и награда за нивниот труд, потоа да им се дадат можности за нивен индивидуален развој, да ја покажат својата креативност. Ништо преку ноќ не бидува, но мора да се направат првите чекори, вели бизнисменот Абдулезел Догани.

Според Ирена Јакимоска, стопанственик битно е да им се даде слобода младите да се докажат, а политиката да се тргне настрана.

- Доколку покажеме дека имаме промени и доколку докажеме дека иновативноста и иднината се кај младите, може да ги убедиме да останат, да се развиваат во земјава и да вложуваат во она што е основа - развој на малите и средни претпријатија, вели Јакимоска.

Според професорот од Економскиот факултет од Скопје Игор Ивановски пресудно е образованието, а стабилизирањето на економијата е врз база на знаење и иновации.

- Факултетот ја подрржува Конференцијата и ги поддржува образованието и неформалните вештини за да ги подготвиме младите како профили за македонскиот економски пазар. Македонија мора да презема континуирани чекори за стабилизирање на економијата базирана на знаења, на иновации. Ова за да ја зголеми нејзината конкурентност и да се носи со останатите економии и да креира одржливи системи за перманентен развој, вели Ивановски.

Судентите по економија од земјава нагласуваат дека им се потребни подобри услови за да останат дома: поголеми плати, можност да ги покажат знаењето и креативноста, и да бидат ценети, што досега не е случај.

Ова е втора по ред Конференција што ја организира Стуентскиот парламент при Економскиот факултет од Скопје. Конференцијата се одржува од 9 до 11 март. 

 

 

 

09.03.2018 - 21:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега