Груевски: Пробуваме да постигнеме договор со Косово - можни се сите опции

Мерката што ја презема Косово е еднострано насочена кон Македонија. Ние во текот на денешниот ден се обидуваме преку разговори да ги нормализираме нештата, а доколку во тоа не успееме можни се сите опции, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Претседателот на Владата на Македонија истакна дека мерката што Македонија ја воведе за условен увоз на брашно не е насочена кон една држава, туку кон сите земји членки на ЦЕФТА и е во согласност со нејзината регулатива, за стабилизација на пазарот. - Мерката не е само кон Косово и ниту една друга не реагира како што тоа го прави Косово и тоа без претходна најава. Мерката од наша страна не е некому да се направи штета туку да се овозможи стабилизација на пазарот. Ќе биде укината тогаш кога ќе биде постигната стабилизација на пазарот, рече премиерот Груевски.

Инаку, Косово пред два дена воведе мерка за забрана на увоз за производи од Македонија - храна, тутун и вино и алкохол, со образложение дека тоа е поради условениот увоз на брашно од страна на Македонија.

06.09.2013 - 15:06

најчитано сега