Претседателот Иванов во Охрид се сретна со спикерот на Сенатот на Канада
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов денеска во вила „Билјана“ во Охрид имаше средба со спикерот на Сенатот на Канада, Ноел Кинсела.
На средбата било разговарано за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, за соработката на мултилатерален план, како и за стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската унија. Претседателот Иванов ја поздравил парламентарната соработка, која бележи позитивен и успешен развој и за што голем придонес има Парламентарната група за пријателство со Македонија формирана во канадскиот парламент.
Во однос на македонското членство во НАТО, претседателот Иванов се заблагодарил и за принципиелната поддршка од Канада и го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со единствената пречка која стои на патот за полноправно членство во Алијансата, како и за очекувањата во наредниот период. На средбата биле потврдени и заложбите за натамошно унапредување на соработката во областа на одбраната, културата, науката и образованието, при што беше истакната потребата од унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави и што поскоро потпишување на конкретни договори.
Двајцата соговорници ја истакнале и значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.