Ќе се распушти Муслиманското братство во Египет

Новата египетска Влада најави дека во најскоро време ќе го распушти Муслиманското братство, по што наместо политичко движење братството ќе може да има статус само како невладина организација.

Претставник на Владата во Каиро изјави денеска дека распуштањето на Муслиманското братство ќе се случи во текот на „неколкуте наредни денови“.

Според неговото објаснување, Муслиманското братство не успеа да ги демантира обвинувањата дека ова исламистичко движење има создадено свои милиции, како паравоени единици, ниту дека има извршено повеќе илегални и незаконски активности.

Новите египетски власти ја почнаа пресметката со Муслиманското братство веднаш по тргањето од власт на исламистичкиот претседател Мохамед Морси, на 3 јули годинава.

Дестици високи функционери на братството, меѓу кои и актуелниот лидер Мохамед Бадија беа притворени под сомнение дека потикнувале улично насилство и убиства.

Муслиманското братство е создадено пред 85 години, но уште од 1954 година е забрането поради ширењето на тврди, верски и исламистички идеи и како противник на секуларноста на Египет.

Во март годинава, Муслиманското братство одново се регистрира како невладина организација.

Во јуни 2011 година, веднаш по тргањето од власт на дотогашниот претседател Хосни Мубарак, братството создаде и своја партија, која се нарекува Партија на слободата и правдата, инсистирајќи дека таа не е теократско движење.

06.09.2013 - 11:46