Судиите не дозволуваат Македонија да се радува - нашите кошаркари претрпеа уште еден пораз

 

Македонија вечерва во 2.коло од Б групата на евро-шампионатот заслужено загуби од  Литванија со 75:67, но повторно во финишот кога се „кршеше“ резултатот судиите имаа неколку одлуки на штета на Македонците.
 
При 69:65 во последната минута му беше досудена непостоечка лична грешка на Гечевски, по што следуваше техничка за Перо Антиќ и тука завршија сите надежи за успех.
 
Не им одеше на македонските кошаркари во првите 30 минути. Со исклучок на првите три минути кога неколку пати водеше Македонија, литванскиот состав го контролираше резултатот цело полувреме. Селекторот Алеш Пипан како да ја бараше вистинската петорка која ќе ја пробие цврстата одбрана на противникот. 
 
Петте поени предност по првиот период (20:15) Литванците ги зголемија на шест на полувремето, иако лесно можеше да имаат и двоцифрена позитива, бидејќи во 20. минута водеа со 39:28. Но, следуваше техничка грешка на литванскиот селектор и серија од пет поени на „црвено-жолтите“ за намалување на 33:28. 
 
Според лошата реализација не изгледаа лошо и недостижно 57:50 по крајот на третата четвртина. Се доближивме на 65:62 и имавме напад на две и пол минути пред крајот, по што следуваше драматичниот финиш.
 
Со 13 постигнати поени најефикасен во македонскиот тим беше Владо Илиевски, Перо Антиќ реализира 12, Мекејлеб 11.
 
Кај Литванците најмногу поени постигна Мантас Калнеитис – вкупно 17.
 
И покрај поразот остануваат реални шансите за пласман во следната фаза со оглед на резултатите на другите две средби од оваа група:
 
Црна Гора – Летонија 72:73
Босна и Херцеговина – Србија 66:76.
 
Табела: Србија 2-0 (победи-порази), Летониа 2-0, Црна Гора 1-1, Литванија 1-1, Македонија 0-2, Босна и Херцеговина 0-2.

06.09.2013 - 08:33
Фото: 
off.net.mk

најчитано сега