Јавна расправа за законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија
Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Стопанската комора на Македонија организираше втора расправа за Предлог законот за контрола на емисии од испарливи органиски соединенија при користење на бензини.
Министерот Абдилаќим Адеми во обраќањето на расправата го презентираше финалниот текст од законот за кој како што рече, е направен врз основа на забелешките дадени од првата расправа одржана во мај, а треба да се донесе до крајот на оваа година.
На расправата претставниците на Макпетрол го истакнаа значењето на овој закон и посочија дека вака прочистен ги исполнува сите стандарди за кои тие се веќе подготвени.
Претставник од невладините организации го пофали предлогот за донесување ваков закон за кој имаше забелешка дека треба да стапи во сила веднаш бидејќи според него сегашниот рок за применување на законот 1 јануари 2015 година е многу долг со што ќе се продолжи загадувањето на воздухот до неговото имплементирање.
- Засегнатите страни кои во иднина треба да го импламентираат овој закон го прифаќаат и се подготвени активно да учествуваат во неговата реализација, изјави Адеми.
Појасни дека законот се усогласува со директивите на ЕУ и тоа Директивата за контрола на емисии од испарливо органско соединение кои произлегуваат од складирање на бензините и негово дистрибуирање и Директивата за Фаза два рекуперација на бензиска пареа за време на полнење на моторни возила со гориво на бензиска станица.
- Кога ќе поминете покрај бензиска пумпа и нема да го почуствувате мирисот на бензин, ќе знаете дека се исполнети стандардите и овој закон почнал да функционира, рече Адеми.
Во Македонија пое 1 јануари 2018 година нема да се дозволи изградба на бензиски станици доколку не ги исполнат техничките барања пропишани со законот, како и за транспортот на бензинот и инсталациите за складирање и негово претоварање. Постојните инсталации за складирање и мобилните контејнери ќе треба да ги постигнат техничките барања најдоцна до декември 2019 година, а бензинските пумпи до 31 декември 2021 година.