Македонија и Турција ќе соработуваат во областа на трудот

 

 

Македонскиот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и неговиот турски колега Фарук Челик денеска во Анкара ќе потпишат договор за  соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето.

Со договорот ќе се воспостави соработка во креирањето и имплементирањето на политиките во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност со што ќе се обезбеди создавање на подобри услови за живот на граѓаните на обете пријателски земји.

Соработката ќе се одвива преку размена на искуства и знаења за тековните состојби во тие области, но и за стратешките планови за во иднина, со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на  Турција и Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Договорот ги опфаќа и темите права од работен однос, искоренување на детскиот труд, безбедноста и здравјето при работа на работниците, трудовата инспекција, политиките за вработување и следењето на развојот на пазарот на трудот, професионалната рехабилитација на лица со попреченост и социјалната сигурност.

Спасов ќе престојува во дводневна посета на Анкара придружуван од  државниот секретар, Муедин Кахвеџи. 

05.09.2013 - 08:34
Фото: 
миа

најчитано сега