Беса го обвинува Касами за фалсификат и најавува кривична пријава против него

Скопското крило на БЕСА, предводено од Африм Гаши, обвинува дека поранешниот претседател на движењето ги фалсификувал документите на партијата и во судот ги поднел како официјални .

„Истражувавме во досието на Движењето Беса во Судот и ги пронајдовме т.н. документи кои ги фалсификувал поранешниот претседател Билал Касами.Веднаш по локалните избори, во периодот кога тој го блокираше функционирањето на партијата и кога го молевме да најдеме едно компромисно решение, Касами веќе почнал со својата задача работејќи скришум. Тој поднел во Судот во Скопје фалсификувани имиња за претседатели на ограноците на Беса, со што сакал да создаде фиктивно мнозинство во Централниот Совет, бидејќи знаел која е реалната поддршка за него“, велат од крилото на Гаши.

Од таму прашуваат што го потикнало Касами во ноември да ги фалсификува имињата на претседателите на ограноците, кога се знаело дека во тој период немало незадоволство изразено кон него. Обвинуваат дека додал најмалку пет фалсификувани имиња на претседатели на ограноци.

„Во Боговиње за претседател на огранокот беше избран Шпенд Тахири, но, Касами во судот го поднел името на Нуредин Деари како претседател на овој огранок. Иако Беса имаше два члена на Централното Претседателство од Ресен, Кастриот Реџепи и Аријанит Хоџа, тие не успеа да најдат ниту десет луѓе за таму да основат огранок.Но, ова не му пречело на Касами, во судот да го поднесе името на Аријанит Хоџа како фиктивен претседател на огранокот на Ресен.

Во Струга избран претседател на огранокот бил Риат Абдурахмани, но како што изгледа Касами не му верувал, па во судот како претседател на огранокот на Струга го поднел името на Нусрет Зиба, дојден од НДП“, велат од крилото на Гаши.

Од Беса на Касами одговорија дека нема да се занимава со клеветите на Орхан Муртезани и неговите шефови.

„Сите структури на Движењето Беса се фокусирани во организирање на првиот Конгрес на партијата и нема да изгубиме енергија со секоја клевета што се обидуваат да направаат платени полтрони кои работат за се, само не за интерес на Албаниците во Македонија. Од 6 јануари ангажиравме адвокат кој веќе достави неколку предмети во обвинителство за Орхан Муртезани за клевети, лажни наоди и злоупотреба на симболите на Движењето Беса.

Ја разбираме нивната мака, бидејќи тие не знаат како да и објаснат на јавноста дека ќе формират политичка партија и се обидуваат што повеќе да и наштетат на Беса“, велат од крилото на Касами.

 

 

 

21.02.2018 - 16:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега