Деполитизација и правичен систем на плати, дел од реформите во јавната администрација

 

Стручна, ефикасна, отчетна и транспарентна администрација е еден од главните приоритети на Владата предвидени во Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2020 година, чија содржина денеска ја презентираше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Креирање политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и управувањето со јавните финансии, се клучните точки кои во себе ги содржи Стратегијата, која вчера беше усвоена на владина седница, заедно со Акцискиот план за нејзино спроведување.

- Предвиден е план за деполитизација на администрацијата, како еден од основните проблеми преку унапредување на постапките на селекција, вработување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и правична застапеност на сите заедници, посочи Манчевски. 

Особено внимание во документот се посветува на професионализацијата на високите раководни структури преку јасно разграничување на политичкото и професионалното ниво.  Планирано е воведување категорија високи државни службеници.

Предвидено е редефинирање на системот за оценка на административните службеници, ќе се постават основи за наградување според учинок, со цел, како што појасни Манчевски, да се овозможи во подоцнежните фази овој систем да биде поврзан со системот за плата.

Министерот додаде дека ќе се дефинира и системот за плати и во подготовка е нов закон за плати во јавниот сектор.

- Целта е утврдување правичен систем на плати, еднаква плата за еднаква работа, појасни Манчевски.

Во администрацијата, укажа, има превработеност на најниско ниво. 

- Имаме еден разурнат систем, немаме менаџерки кадар, одредени луѓе, кои се помлади соработници, немаме друг избор, освен да им даваме повеќе работни задачи, за кои не се ниту примени, ниту платени, истакна Манчевски.

Додаде дека постои недостиг од правници, економисти, инженери. Како пример посочи дека МИОА е задолжено за човечки ресурси, а нема ниту еден вработен за таа намена. Нема, потенцира, слободни експерти за човечки ресурси и во другите институции.

Како важен дел од стратегијата го наведе и системот за отворени податоци. - Во прилог на отвореноста и транспартноста на Владата се работи на нов систем. Тоа не е само портал, тоа е цел систем, стратешки пристап до една нова култура и отвореност и пристапност, за што е потребна серизона кадровска и техничка подготвеност на сите инстиуции, рече Манчевски.

Оваа година ќе профункционира Централниот електронски регистер на населението, ќе се воведе нов национален портал за електронски услуги и ќе се зголеми бројот на електронски услуги за граѓаните. 

Во врска со предупредувањето дека сите оние институции коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси, нема да земат плата, Манчевски рече дека до крајот на март е рокот кога треба да се излезе со годишниот извештај за бројот на вработените во администрацијата. Додаде дека зголемена е активноста за регистрирање во системот и целта не е некој да се казни, туку да се воведе ред и да се почитуваат законите.

Откако податоците ќе се внесат во системот, се следат и повеќе нема да постои опасност. УЈП проверува дали раководните лица ги платиле придонесите. Преку инспекции, како што беше најавено, доколку е утврдено дека некое раководно лице не ја извршило својата должност, казната е од две до три илјади евра. 

 

 

 

21.02.2018 - 13:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега