Мирческа: МТСП и Царовска ја убедуваат јавноста дека малолетните девојчиња сами се виновни за тоа што им се случи
Министерството за труд и социјална политика, предводено од Мила Царовска освен што покажа дека е целосно неспособно и неодговорно во случајот со штитеничките од домот 25 мај, сега бесрамно се обидува да ја убеди јавноста дека малолетните девојчиња сами се виновни за тоа што им се случило, обвинува Јована Мирческа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено скандалот да биде поголем, вчера, од МТСП изјавија дека во Домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“, нема злоставување или сексуална експлоатација туку штитеничките своеволно забремениле. Крајно бесрамно и лицемерно. Очигледно Мила Царовска нема намера да преземе одговорност за скандалите кои го тресат домот и министерството што го води. На несреќа на штитеничките, скандалите се множат, а Царовска нема никаква контрола, ниту ја интересира катастрофалната состојба во министерството. Најпрвин се откри дека 13 годишно девојче кое било сексуално злоставувано, останало бремено, а потоа и абортирало, вели таа.
Мирческа потсетува дека по неколку дена се обелодени дека во овој дом уште две малолетни девојчиња забремениле.
-Царовска не само што не се повлекува заради скандалите што се случуваат во институцијата која е под нејзина надлежност, таа уште се обидува да се оправда со префрлање на одговорноста врз штитеничките за кои државата презела одговорност да се грижи. После изјавата на министерот за здравство Филипче кој што ги обвини бремените жени дека се виновни за смртноста на бебињата, сега и министерката Царовска се правда преку штитениците! Ова е скандал од невидени размери! Царовска треба веднаш да поднесе неотповиклива оставка од морални и политички причини. Се работи за физичкото и психичкото здравје на децата штитеници на установата која презела обврска да се грижи за нивното воспитувањето и здравје, институција во ресорот на Мила Царовска. Ова покажува дека системот за социјална грижа во државата е доведен во прашање како резултат на неодговорноста, негрижата и неработењето на раководните кадри именувани од СДСМ, истакнува таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа