Петар Арсовски: Критиките кон власта ќе растат

Политичкиот аналитичар, Петар Аровски смета дека надзорот, врз јавните политики на власта  нема да се намалува, туку напротив, само ќе се зголемува, како што поминува времето и очекувањата растат.

-Мислам дека јавноста, барем онаа која се занимава со коментар на политиката, е сменета.  Во текот на последниот период на владеењето на Груевски, критичката јавност стана многу гласна и нетрпелива, во што тогашната опозиција активно учествуваше.  Но, сега улогите се сменети, и оние кои до вчера стимулираа критика сега се на позиција, а јавноста остана во високо ниво на критички сензибилитет.  На некој начин, сегашната влада ја плаќа цената за нетрпението на публиката во чие создавање самата учествуваше.  Дополнително, инсистирањето на пост-револуционерен наратив, во кој се уште се парадира со грешките на претходниците, наместо со исполнување на тековните предизвици, ја прави нивната позиција само потешка, вели Аровски во интервју за Прес24.

Тој оценува дека успех на Македонија на меѓународен план, може да го амортизира незадоволството дома. Од тие причини, одлуката на премиерот Заев да влезе во ризик за решение на спорот со Грција, може историјата да го запише како херој.

-Ваков генерациски проект е секако најважната одлука која Заев ќе ја донесе во неговата политичка кариера.  Ако успее, ќе се запише во историјата како херој.  Ако не успее, остатокот од мандатот ќе му биде многу тежок.  Но секако е голем политички гамбит, вели политичкиот аналитичар во инетрвјуто

Тој смета дека лицитирањето со термини кога може да се реши спорот не е благодарно, но потенцира дека една од трите дилеми е затоворена.

авидум изгледаат максималистички барањата на Грција, но сепак сметам дека работите се движат во добар правец, со постепено приближување на ставовите, но таквиот процес, и со најдобра волја, бара време.  Она што е позитивно, е дека изгледа дека политичките елити и во Македонија и во Грција донеле стратешка одлука дека ќе влезат во овој процес.  Значи затворено е прашањето “дали”, останува “како” и “кога”, вели Петар Арсовски во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Напишавте една анализа во која правите оценка за периодот на владеење на оваа власт. Општиот заклучок би бил дека довербата во оваа влада вртоглаво оди надолу. Зошто толкав пезимизам?

АРСОВСКИ: Анализата не е прашање на песимизам или оптимизам, туку на објективно согледување на некои околности, и ваквите анализи не треба да се интерпретираат како мерило за поддршката за оваа влада.  Фактот што новата влада се соочува со покомплицирана агенда и потешки задачи, за кои притоа нема однапред договорена јавна поддршка преку купување уредувачка политика, во комбинација со реално покритичка јавност, прави Заев да се соочува со помалку толеранција во исполнувањето на својата стратегија.  Ако на тоа се додадат релативно високите очекувања, недостатокот на трпение, станува јасно зошто оваа Влада се соочува со потежок јавен амбиент.  Мислам дека надзорот, ако така сакате, врз јавните политики, нема да се намалува, туку напротив, само ќе се зголемува, како што поминува времето и очекувањата растат.

ПРЕС24: Вие не сте единствен кој го дели ова мислење. Она што за јавноста доаѓа како изненадување се се почестите критики кон власта, токму од нејизните претходни најголеми поддржувачи. Имам чуство дека кај Заев како да владее мислење дека се ова е дел од некоја организирана стратегија, ако се цени по неговата последна изјава дека работите ќе се средат. Што всушност се случува?

АРСОВСКИ: Точно е дека Заев се соочува со критика од повеќе точки, од кои некои претпоставувам за него се изненадување.  Сигурен сум дека таквиот дискурс не е резултат на некаква стратегија, смислено сценарио, ниту пак мислам дека е производ на некакви лични побуди, познавајќи ги “критичарите”.  Напротив, мислам дека да се толкуваат на таков начин е погрешен пристап кој ќе произведе и погрешен одговор.  Ваквата хистерија е повеќе  производ на несразмерен капацитет помеѓу реалноста и очекувањата.  Оттаму, Заев се соочува со покритичен амбиент одошто претходно, и тоа побрзо одошто очекуваше.  Зошто таквата промена?  Мислам дека јавноста, барем онаа која се занимава со коментар на политиката, е сменета.  Во текот на последниот период на владеењето на Груевски, критичката јавност стана многу гласна и нетрпелива, во што тогашната опозиција активно учествуваше.  Но, сега улогите се сменети, и оние кои до вчера стимулираа критика сега се на позиција, а јавноста остана во високо ниво на критички сензибилитет.  На некој начин, сегашната влада ја плаќа цената за нетрпението на публиката во чие создавање самата учествуваше.  Дополнително, инсистирањето на пост-револуционерен наратив, во кој се уште се парадира со грешките на претходниците, наместо со исполнување на тековните предизвици, ја прави нивната позиција само потешка.

ПРЕС24: Во јавниста неколку пати се зборуваше за проширување на мнозинството во Парламентот... веројатно во насока да се обезбеди што подобра позиција на СДСМ во односите со ДУИ. Конкретно, дали целиот овој условен хаос на институциите што се случува е резултат можеби на една целосна нефункционалност на коалицијата. Сете се за празните министерски места, се уште празните раководни функции на значајни инстуции, ниту еден законски тескт од делот на приоритетн и реформи...

АРСОВСКИ: Сигурен сум дека никој не изненаден што коалицијата со ДУИ бара многу менаџмент, ниту пак претставува откровение што тесно мнозинство тешко се управува.  Белким не очекувавме дека толку тесно мнозинство без проблем ќе ги помине најтешки проекти и реформи?  Впрочем, тековниот застој на Собранието не е производ на односите ДУИ СДСМ, туку на чиста политичка блокада од ВМРО ДПМНЕ.  Но исто така е факт дека во овој комплициран политички амбиент е тешко да се пополнат сите функции веднаш, и дека владата долго време не може да се конституира со целосна функционалност и стопроцентен капацитет.  Тоа, помеѓу другото, е и резултат на сите нормативни саботажи кои ги наследиле.  Истовремено, власта не треба да се залажува дека овие промени ќе бидат лесни или брзи, особено што ДУИ има релативно комотна позиција за што цената ја плаќа нивниот коалиционен партнер.

ПРЕС24: Ако на домашен план работите не одат како што јавноста очекуваше, на меѓународен план Македонија е пред еден исериозен исчекор кон евроатланските интегарции, особено ако се постигне некаков договор со Грција следните два месеца. Прво сакам да Ве прашам, дали успех на меѓународел план, може да го покрие неуспехот на домашен план?

АРСОВСКИ: Во основа, да.  Испораката на очекуваните резултати гравитира околу три главни столба.  Првиот е, условно речено, евроатлантски интеграции и можноста за пробив на тој план.  Вториот столб е завршувањето на демократските процеси, кои секако вклучуваат владеење на правото и судска разрешница за предметите кои се водат за висока корупција од страна на претходната власт.  Третиот столб е испорака на подобар живот, економски напредок, социјална политика и слично.  Исто така е точно дека испораката на резултати од овие три столба е меѓусебно поврзана, и дека успехот или неуспехот на било кое од овие полиња влијае на другите столбови, како и на вкупниот рејтинг на власта.  Оттаму, одолговлекувањето на било кој столб ја зголемува нетрпеливоста за сите столбови.  Тоа исто важи и за успехот на некое од овие полиња, па така, евентуалниот пробив на полето на евроинтеграциите веднаш ќе создаде потолерантен и поповолен вкупен амбиент, во кој критиките за другите столбови ќе бидат како одвеани со виорот. 

ПРЕС24: Власта го промени форматот на преговори за името во ООН. Дали тоа може да гарантира погомеа ефикасност во разговорите , или пак тоа повеќе е дистанцирање на Претседателот Иванов од овој процес?

АРСОВСКИ: Има поголема ефикасност во преговорите, зашто тие се сега подигнати на ниво на претставници кои реално имаат мандат да преговараат.  Претходно преговарачите имаа капацитет да кажат “благодарам, ќе пренесам”.  Сега, вклучувањето на министрите за надворешни работи, со повремено учество на премиерите, дозволува капацитет во кој реално можат да се случуваат преговори и договор на оваа тема.  Иванов во оваа смисла е беспредметен, небитен, зашто тој својот шлагворт ќе го земе од ВМРО ДПМНЕ, па така, многу е поважен политичкиот дијалог со партиите и лидерите одошто со Иванов.

ПРЕС24: Кои се Вашите проценки, дали Јули е реален термин во кој Македонија би можела да постигне договор со Грција за влез во НАТО, а воедно и датум за почеток на преговори со Европската Унија?

АРСОВСКИ: Мислам дека не можеме во моментов за лицитираме со рокови, особено кога немаме готово решение, а очигледно е дека немаме.  Погрешна е аналогијата дека процентот на договорени делови соодветствува со времето кое е потребно за остатокот од договорот.  Со други зборови, последните 20% од договорот можат да земат 80% од времето, зашто ова е меѓународен договор кој претставува пакет, и таму правилото е дека додека не се договори се, како да не е договорено ништо.  Оттаму, мислам дека било каква проценка за рокови е неблагодарна во овој момент. 

ПРЕС24: Ако се анализираат сегашните позиции на Грција, тогаш тешко дека може да се верува во напедок на преговорите до какво било решение?

АРСОВСКИ: Точно е дека се добива впечаток, и согласно последните анализи на јавното мислење, дека јавноста во Грција потешко би прифатила компромис.  Истовремено, да не заборавиме дека ние сме тие кои брзаме, кои сакаме да “фатиме рок”, додека владее поволна клима во Грција.  Истовремено, навидум изгледаат максималистички барањата на Грција, но сепак сметам дека работите се движат во добар правец, со постепено приближување на ставовите, но таквиот процес, и со најдобра волја, бара време.  Она што е позитивно, е дека изгледа дека политичките елити и во Македонија и во Грција донеле стратешка одлука дека ќе влезат во овој процес.  Значи затворено е прашањето “дали”, останува “како” и “кога”.

ПРЕС24: Премиерот Заев ја прифати улогата да биде политичар кој ќе ги вложи сите напори за решение на спорот со Грција, а како бенефит влез на Македонија во НАТО. Сакам да Ве пршам, а и во контекст на она што значи слаб ангажман на домашен план, дали ова е ризик Заев да заврши како политичар за една употреба?

АРСОВСКИ: Ваков генерациски проект е секако најважната одлука која Заев ќе ја донесе во неговата политичка кариера.  Ако успее, ќе се запише во историјата како херој.  Ако не успее, остатокот од мандатот ќе му биде многу тежок.  Но секако е голем политички гамбит.

ПРЕС24: Ова ве прашувам и од аспект на едно искуство на политичарите од земјите од регионот. Речиси и да нема политичар, кој по влезот на неговата држава во НАТО или ЕУ, да останал на политичка сцена... Почнувајќи од Словенија, па се до Бугарија... Со други зборови, дали и неуспех да се реши спорот со Грција и успех Македонија да влезе во НАТО, ќе значи и пад на оваа влада?

АРСОВСКИ: Не сум сугурен дека е фер одговорот на прашањето, иако тенденцијата е емпириски точна.  По оваа аналогија, ако успее, ќе пропадне, ако не успее, ќе пропадне J... Намалувањето на поддршката за владите кои ги внеле своите земји во ЕУ не доаѓа од некаков политички баксуз, туку од едноставниот факт што болните и непопуларни реформи неопходни при ремонтот на општеството за да соодветствува со европските стандарди им го “јадат” рејтингот на актуелните политичари.  Сепак, да не заборавиме дека Македонија веќе подолго време го усогласува своето законодавство со тоа на ЕУ, па мислам дека овој процес кај нас можеби ќе помине побезболно.  Ние сме суштински се уште најнапред во овие реформи од било која друга земја од Западен Балкан, па дури и од некои кои се членки на ЕУ.

ПРЕС24: Ако проценките се дека многу поскоро можат да се случат предвремени избори од очекуваењата, дали ВМРО – ДПМНЕ со ова ново раководство може соодветно да одговори како алтернатива на оваа власт, Ве прашувам во контекст на некои аналитичари кои велат дека многу полесно би се случил пад на Заев во СДСМ, отколку пад на СДСМ од власт?

АРСОВСКИ: Во моментов СДСМ се уште има предност на ВМРО ДПМНЕ, и така ќе остане се додека ВМРО ДПМНЕ не се ребрендира и направи суштинска разлика со претходното раководство и политики.  35,000 амандмани на законот на јазиците, кои ги прават политички “лепрозни” за сите албански партии, и упорно бранење на 27 април, тоа не е ребрендирање.  Така што прерано е да се зборува за некакви суштински поместувања на политичката поддршка на партиите.  Што се однесува до внатрепартиската позиција на Заев, тоа, како и изборот на Мицковски во ВМРО ДПМНЕ, останува само нивна работа. 

 

 

 

 

20.02.2018 - 08:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега