Неуспешна коориданција кај Џафери - парламентот останува блокиран
Нема политички договор за законот за јазици, законите за следење на комуникациите, реформите за правосудството, за патните трошоци на народните избраници и законите за кои е потребно 2/3 мнозинство, па нема да има ни собраниска седница за нив додека нема исход од работните групи меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пишува Сител. Пленарна седница нема да има додека нема исход од средбата меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, која неофицијално за оваа недела ја најавуваат двете партии. Од ДУИ коментираат дека сепак, на средбата нема долго да се дискутира или да се бара решение за 36-те илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазици бидејќи според нив тоа прашање било затворено.
Од двете работни групи пак, според извори на Сител сѐ уште немало никако напредок во преговорите ниту за правосудните реформи, особено законот за заштита на сведоците, ниту за политичките прашања. Се очекува поинтензивни средби да има неделава.
Сепак, по двонеделна пауза Собранието недела ќе проработи. На денешната координација кај Талат Џафери, СДСМ и ДУИ се договориле за утре да биде закажана седница доколку попладнево пристигнат најавени закони од министерството за транспорт и врски кои се однесуваат на финансиска помош што е врзана со рокови. Најавени се и пратенички закони поврзани со АКМИС системот за електронско распределување на предметите во судовите.
Извесно е дека во четврток ќе има седницата за пратенички прашања. Наредната недела пак, во посета на Собранието ќе бидат и тројцата известувачи за Македонија во Европскиот парламент – Вајгл, Флекенштајн и Кукан.
Дополнително, Џафери се соочува и со проблеми околу кворумот. Една пратеничка од владејачкото мнозинство е на породилно отсуство, а наредната недела повторно поголем број на пратеници ќе бидат на службени патувања во странство. Според опозициската партија тоа е вистинската причина за блокадата на парламентот, а не нивното неучество.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму нема да учествува во работата на Парламентот, а нивен претставник не бил на координацијата кај Џафери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа