Села, Сулејмани и Тимотеј расправаа за проблемот во Октиси

 

Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, струшкиот муфтија Салим Сулејмани и градоначалникот на Струга Зијадин Села денеска во зградата на општина Струга одржаа средба за изградбата на црква во село Октиси, за која на 25 август жителите од христијанска вероисповест беа спречени од нивните сожители муслимани да ги осветат темелите.

Средбата, која се одржа на иницијатива на градоначалникот Села, беше позитивно оценета од претставниците на двете верски заедници.

Митрополитот Тимотеј, по едночасовен разговор најави дека средбите ќе продолжат до изнаоѓањето решение за изградба на црквата „Св. Димитрија“ во Октиси.

Струшкиот муфтија Сулејмани рече дека како претставници на верските заедници се должни да ги чуваат и муслиманството и христијанството.

Жителите од христијанска вероисповест беа спречени од нивните сожители од муслиманска вероисповест во поставувањето темели за изградба на параклис во селото. Полициски кордон ги делеше двете групи да не настане поголем инцидент. По што претставници од двете верски заедници, каде присуствуваа и градоначалникот Села и митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се договорија да разговараат за надминување на проблемот.

Во меѓувреме Села побара од судот времена мерка за Решението за градба на параклисот во село Октиси додека се изнајде решение за проблемот и да се смират страстите меѓу жителите во селото од христијанска и муслиманска вероисповест. Црковниот одбор од Октиси и Вевчанската парохија во која спаѓаат и црквите од ова село не се согласуваат со времената мерка и најавија поставување темели пред истекот на дозволата за градба, на 20 септември.

Изградбата на црквата „Св. Димитрија“, според Вевчанската парохија, требало да се гради на плац од МПЦ, на местото каде постоел објект, кој поради дотраеноста бил срушен, за што постоеле документи и фотографии. 

04.09.2013 - 13:30
Фото: 
Канал 5

најчитано сега