Радев и Иванов иницираат Договор за стратешко партнерство
Претседателите на Македонија и на Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев на денешната средба во Скопје се согласиле да иницираат потпишување договор за стратешка соработка меѓу двете земји.
На заедничката прес-конференција по средбата, Иванов рече дека по потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој многу ќе придонесе за развој на севкупната билатерална соработка би било добро Скопје и Софија да склучат и договор за стратешко партнерство, какви што Македонија има со САД и со Турција.
- Мигрантската криза покажа дека имаме неопходна потреба за размена на информации во сферата на безбедноста, разузнавањето, заеднички да се дејствува за превенција од можни закани за целиот регион, додаде Иванов.
Бугарскиот претседател Радев ја оцени како многу важна иницијативата за склучување договор за стратешко партнерство, додавајќи оти ќе ја пренесе до Владата во Софија. Со таквиот договор, додаде тој, ќе се зголеми безбедноста за сите чинители во регионот.
- Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии, рече Иванов и потсети дека Бугарија била првата земја што ја признала Република Македонија под уставното име.
Радев за Договорот за добрососедство рече дека не треба да остане само мртво слово на хартија, туку да биде незапирлив процес што ќе се унапредува.
Двајцата претседатели разговарале и за Стратегијата на ЕК за проширување за Западен Балкан, при што Иванов потенцира дека Бугарија одиграла голема улога во носењето на овој документ.
Иванов изрази благодарност за поддршката од Софија за македонските аспирации за ЕУ и НАТО. Рече дека е реално да се очекува за време на бугарското претседавање со ЕУ, Македонија да добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.
- Бугарија секогаш била еден од најсилните адвокати за перспективата на Македонија во ЕУ и НАТО. Но, има уште многу да се сработи во разни сфери, а Бугарија е подготвена да и помогне во тоа на Македонија, кажа Радев.
Двајцата претседатели, како што истакнаа на прес-конференцијата, разговарале и за регионалната соработка, инфраструктурното поврзување, економските односи.
Акцент бил ставен на Коридирот 8 и напорите да се заврши железничкото поврзување меѓу двете земји, градење автопати и патна инфратруктура.
- Најдобриот лакмус за подобрување на односите меѓу државите се бизнисот и односите меѓу луѓето, нагласи Радев и додаде дека само неколку месеци по потпишувањето на Договорот двете земји забележале раст на трговската размена и на бројот на туристите.
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.
- Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија, рече Радев, одговорајќи на новинарско прашање.
Радев нагласи дека Бугарија не планира воведување на никакви санкции кон Македонија во однос на нејзините европски и евроатлантски интеграции во врска со преговорите за името и додаде дека тие се водат меѓу две суверени држави под покровителство на Обедините нации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа