Министерството за култура останува посветено на реализација на сеопфатна Годишна програма

 Министерството за култура соопшти дека останува посветено на реализација на сеопфатна Годишна програма, која овозможува правичност и диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, согласно интересот на граѓаните.

Со поддршката за културни проекти кои градат едно општество за сите, како и со децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, овозможуваме култура за сите граѓани подеднакво. Добивме најголем број апликации досега, над 5000 проекти и вклучивме повеќе проекти од независната сцена, етничките заедници, маргинализираните групи и социјално ранливите категории, настојувајќи да поддржиме на етаблирани уметници и културни работници, но и да дадеме шанса на почетници и дебитантски актери во сферата на културата, посочуваат од Министерството.

Сепак, по реакциите во јавноста во однос на неколку поединечни проекти и одлуки во објавената Годишна програма и резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2018 година, Министерството за култура упатува повик до целата јавност и сите оние што имаат информации или индиции за прекршувања или злоупотреби да ги достават до Министерството.

Појаснуваат дека нивна недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации.

Цврсто стоиме на ставот дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон. Времето на незаконско и непрофесионално дејствување во интитуциите заврши, а таквите практики се заменуваат со практики на стручно, одговорно и домаќинско работење со средствата на граѓаните, стои во соопштението.

Наведуваат дека како и во досегашното работење во изминатите месеци, Министерството ја става транспарентно целата документација на располагање на медиумите, јавноста и сите надлежни органи. Воедно, ги повикуваат сите што имаат какви било информации во оваа насока да го известат Министерството за култура. 

 

 

 

15.02.2018 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега