Димитров во Софија на неформален состанок на министри за надворешни работи на ЕУ
Состојбата во Западен Балкан, со акцент на евроинтегративниот процес на регионот, како и ситуацијата во Сирија и Северна Кореја, ќе бидат темите на кои ќе се дискутира на сесиите на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија (Гимних), што на 15 и 16 февруари ќе се одржи во Софија, а на кој ќе учествува и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Домаќин на состанокот е бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
На неформалниот состанок ќе учествува и високата претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, шефовите на диломатиите на 28-те земји-членки, како и министрите за надворешни работи на петте земји кандидатки од регионот Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.
Димитров во Софија пристигнува утре, каде е предвидено да има билатерални средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и со неговата колешка Захариева.
Димитров и Захариева на утрешната средба, како што соопшти МНР, е предвидено да ги разменат ратификациони документи на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Со тоа практично ќе се заврши формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15 јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна.
Гимних е дворец во западниот дел на Германија, кој беше гостинска куќа на владата на некогашна Западна Германија. Тоа е местото каде се одржа првиот неформален состанок на шефовите на дипломатиите од ЕУ во 1974 година.
Овие состаноци се неформални, а учесниците имаат можност да дискутираат за актуелни прашања, но по дебатите не се усвојуваат декларации или формални заклучоци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа