Владите на Македонија и Грција остануваат посветени на решавање на спорот со името

 Владите на Македонија и Грција продолжуваат со посветеноста на решавање на долгогодишниот спор околу името и продолжуваат да работат на тој процес и покрај бурните реакции во одредени кругови во Грција и по неделните протести во Атина.

Македонската Влада побара достоинствено решавање на отворените прашања со Грција.

- Владата на Република Македонија е посветена на градење доверба со Владата на Република Грција, со јасна цел достоинствено да се решат отворените прашања на двете соседни европски земји, изјавија за МИА од македонската Влада во врска со протестот во Атина.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи коментирајќи ги протестите оцени дека тие се дел од јавната политичка дебата, но оти не треба да влијаат врз процесот за решавање на прашањето за името.

Кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас нагласи дека мнозинството грчки граѓани, кои протестот го следеа преку телевизиските екрани, сметаат дека важните прашања од надворешната политика не треба да се соочуваат со фанатизам и нетолеранција

- Грчката Влада нема намера да ја менува надворешната политика. Надворешната политика не се води со митинзи и владиниот план останува во сила, изјави претставник на Владата на Ципрас.

И шефот на дипломатијата Никос Коѕијас соопшти дека демонстрациите нема да го сменат курсот на надворешната политика особено кон прашањето за името.

- Продолжувам со мирна совест и одговорност да преговарам за доброто на татковината“ напиша Коѕијас на Твитер.

Коалицискиот партнер во грчката Влада и министер за одбрана, Панос Каменос, кој од првиот момент го поддржа протестот, смета дека „собирот бил душата на Грците“.

Протестот за „одбрана на името Македонија“ заврши со читање на резолуцијата, во која организаторите бараат да се исклучи „секаква можност за користење на грчкото име Македонија и изведените зборови“. Резолуцијата, претставниците на здруженијата – организатори му ја предадоа на грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.

Тој, пак вчера изјави дека предуслов за влез во НАТО и ЕУ е името да се реши на начин на кој ќе се исклучи секаков вид на иредентизам. 

 

 

 

06.02.2018 - 08:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега