Кривичен ќе ја чека екстрадицијата на Грујевски па ќе суди за Трезор

 

Судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Трезор“ за набавка на опрема за шпионирање во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е одложено за 29 март.

Причина за одложувањето, како што појасни судијката Џанета Бегтовиќ, е затоа што се чека исходот од жалбената постапка пред Врховниот суд во Грција за обвинетиот поранешен началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски заради, како што рече, економично и целисходно водење на постапката.

Адвокатот Петар Василев пред судот рече дека има правосилно првостепено решение од Судот во Солун со кое се дозволува екстрадиција на Грујевски во Македонија, но дека решението е во жалбена постапка пред Врховниот суд на Грција.

Василев додаде дека не би можел да каже кога ќе се произнесе грчкиот Врховен суд, но дека според праксата рокот за донесување одлука е од три до шест месеци.

Судијката Бегтовиќ рече дека ќе побара од претседателот на Кривичниот суд да назначи адвокат по службена должност доколку некој од најблиските членови на семејството на Грујевски не достави полномошно дека во меѓувреме ангажирале бранител.

Адвокатот Љупчо Шврговски побара од судијката почетокот на главната расправа да биде во април, бидејќи 29 март е многу рано за да се очекува екстрадиција на Грујевски. Бегтовиќ не го прифати предлогот на Шврговски.

На денешното рочиште во Кривичниот суд дојдоа поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, сите обвинети во „Трезор“.

Обвинението на СЈО пред Судот го застапуваа обвинителите Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Обвинетите се товарат за  злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот при набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

 

 

 

05.02.2018 - 14:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега