Паразит „коњско влакно“ пронајден во водата за пиење во Тетово - што уште пијат тетовчани?
Сабедин Јашари (62), жител на улицата „Прохор Пчински“ во Тетово утрово пронашол паразит „коњско влакно“ во водата од тетовскиот градски водовод.
Водата од градскиот водовод Јашари од скоро ја користи само за миење и перење, а за пиење купува зашто, вели, за неполн месец во неа четири пати пронашол паразити.
- Кога има вода, децата постојано доаѓаат и пијат од чешма, така што може да им се случи нешто. Еднаш, кога жените ги миеја чиниите, исто така излезе ваков црв, но го фатив и го фрлив, рече Јашари.
Претставници од Јавното комунално претпријатие го посетија домот на Јашари, но не сакаа да дадат изјава за тоа како паразитот се нашол во водата.
Според информациите од тетовскиот Центар за јавно здравје, коњското влакно е паразит што се наоѓа во води кои не се хлорираат и обично онаму каде што има комарци и други инсекти. Не предизвикува болест кај луѓето, но не смее да го има во водата за пиење.
Водата во градскиот водовод со кој се снабдува Тетово редовно се хлорира и контролира и е исправна, велат од Центарот за јавно здравје.