Груевски: Помошта од Ахмети е добредојдена се додека е добронамерна

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека не може да даде никаква оценка во врска со тоа што се разговарало на средбата на Али Ахмети со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, бидејќи, се уште немал средба со претседателот на ДУИ.  

- Генерално можам да кажам дека секој еден што чувствува дека на кој било начин може да придонесе и да помогне, неговите активности се добредојдени се додека тие се добронамерни, изјави Груевски, по  потпишувањето на договорот меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот за финансии и економија во Ченгду за основање Институт „Конфучиј“.

За неговите очекувања по упатеното писмо до еврокомесарот Штефан Филе за извештајот за Македонија, тој нагласи дека нема што да додаде, но чувствува оти како претседател на Владата треба и формално гледано да го извести за она што се случи.

- Секако дека тој беше известен и од разни други канали, но мислев дека не е лошо и јас да го направам тоа, рече премиерот Груевски.

По однос на извештајот на ЕК, потенцира дека Македонија прави се што е во нејзина моќ тој да биде што е можно попозитивен, но крајниот збор, подвлече Груевски, ќе го има Комисијата.

03.09.2013 - 14:49
Фото: 
влада.мк