Попоски: Проширувањето на ЕУ треба да продолжи
Иднината на Европа и политиката на проширување на Европската унија била тема на дискусија на денешниот работен појадок приреден од заменик премиерот и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, на кој присуствувал и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
Како што соопшти денеска македонското МНР, на работниот појадок присуствувале и министерот за европски прашања и надворешна трговија на Финска Александар Стуб, заменик премиерот и министер за надворешни работи на БиХ Златко Лагумџија, како и заменик премиерот и министерот за надворешни и европски прашања на Словачка, Мирослав Лајчак.
Министерот Попоски во оваа пригода посочил дека и покрај фактот што апетитите за проширување на ЕУ се намалени, сепак политиката на проширување треба да продолжи затоа што тоа ја прави Европа посилна и повлијателна.
Попоски на маргините на Бледскиот стратешки форум остварил посебна средба со Колинда Грабар, помошник на ГС на НАТО за јавна дипломатија. Во оваа прилика, тој изразил задоволство од претстојната посета на Грабар во Македонија во текот на овој месец. Попоски уште еднаш ја реафирмирал активната улога на Македонија и контрибуција кон НАТО преку придонесот кој го даваме во Авганистан во рамки на ИСАФ. Во оваа насока потенцирал дека Македонија е подготвена да нуди техничка асистенција во Авганистан и по 2014 година.
На маргините на Форумот, министерот Попоски се сретнал и со Ерик Берглоф, специјален советник на претседателот на ЕБРД, при што изразил задоволство за досегашната соработка и поддршка на ЕБРД во контекст на финансирањето на повеќе од 60 проекти во приватниот и јавниот сектор. Во овој контекст Попоски упатил очекување дека соработката ќе се интензивира и дека тековните проекти финансирани од ЕБРД ќе се имплементираат во сите приоритетни сектори детерминирани од ЕБРД Стратегијата за Македонија за периодот 2011-2013, соопшти МНР