ВМРО-ДПМНЕ бара итно пополнување на испразнетите места во ДИК

ВМРО-ДПМНЕ бара итно пополнување на испразнетите места во Државната изборна комисија. Во предлогот кој денеска беше доставен до Собранието, се бара да се распише нов оглас и да се изберат членови на комисијата по пржинскиот модел.

Милошоски бара Џафери предлогот да го стави на дневен ред на првата наредна седница бидејќи Македонија ја чекаат предизвици меѓу кои и евентуалниот референдум за спорот за името.

Од ДУИ и денеска преку писмено соопштение  од средбата на лидерот Ахмети со европратениците  од групата Прогресивна алијанса го повторија ставот дека референдум за името не треба да има, а истото им го соопштиле и на гостите од Брисел

- Ахмети ги увери гостите дека храброста во нас нема да недостига и повтори дека решението побрзо се постигнува со ратификација на договорот за името во парламентот, додека евентуалниот референдум може да го комплицира процесот, стои во соопштението од ДУИ.

Од кабинетот на Џафери се уште не може да се добие одговор дали и кога предлогот на Милошоски би се нашол пред пратениците. Молк и во СДСМ. Координаторот Тунтев не се јавува на својот телефон за да одговори како е расположението на Бихаќка за овој предлог.

Членовите на ДИК си поднесоа оставки откако во јавноста беше објавена информацијата дека сами на себе си доделиле бонуси за завршената работа. Тие и денеска се во фокусот на медиумите особено по информацијата дека повеќе од половината се пријавиле една година да примаат апанажа по 1000 евра месечно. Меѓу нив е и Виолета Дума која има 67 години и уште одамна ги исполнува условите за пензија.

 

 

 

02.02.2018 - 20:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега