Груевски доби признание за придонес во високообразовната дејност

 

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им врачи највисоки признанија - Плакета на премиерот Никола Груевски и на ректорот на Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, Кина, Зонгуи Жанг за значајни остварувања и придонес во високообразовна научна и културна дејност и за афирмација на УКИМ во земјата и во странство.

Поводот е отворањето на кинескиот Институт „Конфуциј“ во рамки на УКИМ за кој во изминатите две години се водеа преговори меѓу двата универзитета со поддршка на двете влади.

Премиерот Груевски изрази задоволство и го честиташе основањето на Институтот, којшто попладнево свечено ќе биде отворен во НУБ „Св. Климент Охридски“, а за кој финалниот договор за основање во Ректоратот на УКИМ го потпишаа ректорот на скопскиот Универзитет Велимир Стојковски и ректорот на Универзитетот од Ченгду, Зонгуи Жанг.

Претседателот на Владата во својот говор нагласи дека Република Македонија и Народна Република Кина веќе 20 години ги развиваат меѓусебните односи во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и за заемно почитување, нагласувајќи дека токму образованието и сите детерминанти што го развиваат се значаен сегмент кој може да придонесе за јакнење на меѓусебните односи.

- По тој повод денес имам огромно задоволство да присуствувам на формирањето на Институтот „Конфуциј“ во Македонија чија цел е промоција и поддршка на изучувањето на кинескиот јазик и култура, воспоставување на наставата на кинески јазик во образовните институции, како и зајакнување на заемното разбирање и соработка меѓу граѓаните на Македонија и Кина. Денешниот настан е пример како сите ние можеме да дадеме придонес да се постави и зацврсти насоката на движење и развој на нашето образование, а со тоа и на Република Македонија, истакна Груевски.

Тој посочи на реформите што во образованието ги презема Македонија и на големите инвестиции, соопштувајќи дека од 2006 година речиси 60 отсто се зголемени средствата за образование. Тој очекува дека со отворањето на Институтот „Конфуциј“ македонските граѓани ќе се запознаат со вредностите на конфучијанизмот чиј етички и филозофски систем, како што рече, извршил силно влијание на кинеската култура и на тоа што Кина претставува денес во светот.

Ректорот Велимир Стојковски, којшто им ги врачи плакетите од УКИМ на Груевски и на Жанг, рече дека денешниот настан е церемонијална завршница на двегодишните преговори меѓу Македонија и Кина и се случува во годината кога двете земји одбележуваат 20 години дипломатски односи.

Цитирајќи го кинескиот народен мудрец Конфуциј дека патувањето од илјада милји почнува со првиот чекор, Стојковски истакна дека со овој чин е направен значаен чекор за премостување на далечините и за спој на две култури и јазици. 

03.09.2013 - 13:37

најчитано сега