Деветмина илегални таксисти останаа без автомобилите

 По контролата која заеднички ја спровеле инспектори по сообраќај од локална самоуправа и службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај во текот на вчерашниот ден заеднички, девет возила биле исклучени од сообраќај и времено одземени. Целта на акцијата била проверка да се утврди кои лица ги исполнуваат условите за такси превоз, информираат од СВР Тетово. 

- Деветте возила биле исклучени од сообраќај затоа што сопственици ги управувале без лиценци или без регулирана „фирмарина“. Станува збор за патнички возила, од кои некои не биле регистрирани, а биле затекнати и лица без возачка дозвола. Сите наскоро ќе се соочат со соодветни пријави, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Слична контролна акција беше спроведена и во јули кога дивите таксисти поминаа само со опомени за да ја легализираат дејноста.

Од локалната самоуправа акцијата ја образложуваат со намерата да се  воспостави поголем ред во такси превозот и да се сузбие нелојалната конкуренција и дека акциите ќе продолжат и во наредниот период. Притоа, потсетуваат дека за вршење легален такси превоз на патници, потребно е да се има регистрирана дејност, потврда од Станица за технички преглед и пријавени возачи според бројот на возила. 

На подрачјето на општина Гостивар, регистрирани се над 80 фирми кои вршат такси превоз со 130 возила.

03.09.2013 - 12:42