Пиперките скапи ајварот “изгор“ - оваа година тегла ајвар ќе чини 120 денари
Цената на килограм пипер која се движи меѓу 25 и 30 денари ќе придонесе оваа сезона тегла ајвар да чини најмалку 100 денари. Трговците сметаат дека цената на зеленчукот нема да се намалува, туку може порасне.
-Последниве 2 - 3 дена купуваат луѓето пиперки за ајвар. Ако се смета дека за една тегла се потребни 4 килограми пиперки, една тегла ајвар ќе ги чини граѓаните над 100 или 120 денари. Цените на сите производи се зголемени многу и од тие причини нема да поефтини пиперот. А за тоа дали продажбата е подобра од лани не можам да ви кажам бидејќи има многу диви продавачи. На секое ќоше пазар направија, вели Драги Денковски, трговец за kumanovonews.
За купувачите е скапо, додека за производителите е ефтино и неисплатливо.
-Не се исплати. Сепак на граѓаните им е поефтино да направат тегла ајвар, отколку да ја купат. Прашуваат многумина, но кога ќе ја чујат цената бегаат, вели за порталот Родна Стојановска, производител.
Нутриционистите советуваат ајварот да се подготвува без конзерванси, и да биде само додаток, а не основна храна во текот на зимата.