80 специјалисти oд приватното се селат во јавното здравство

 

Специјалистичкиот кадар во јавните здравствени установи ќе биде зајакнат со нови 35 специјалисти кои доаѓаат од приватното здравство, а се пријавиле на вториот конкурс објавен од Министерството за здравство.

Заедно со 45 -те лекари специјалисти од првиот конкурс, во јавните здравствени установи досега ќе се враќат вкупно 80 специјалисти од приватното здравство.  

Во втората група доктори специјалисти има пет интернисти, четири кожни лекари, шест психијатри, тројца општи хирурзи, тројца гинеколози, двајца доктори за радиодијагностика, двајца анестезиолози, двајца доктори специјалисти по орално, двајца по физикална медицина....

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција информира дека на вториот конкурс се пријавиле вкупно 108 доктори специјалисти од кои за 35 веќе е започната постапката за вработување. Дел од нив веќе работеле во јавните здравствени установи и заминале во приватно здравство, а дел за првпат се вработуваат во јавното здравство.

Се очекува за две до три недели постапката да заврши и овие доктори специјалисти да започнат со работа во јавното здравство.

- Станува збор за готов кадар кој веднаш се вклучува во процесот на работа и од моментот на вработување помага за унапредување на нивото на јавна здравствена заштита. Со првиот оглас беа преземени 45 доктори специјалисти, а со вториот оглас преземаме 35 со што вкупно 80 специјалисти во краток период се вратија од приватното во јавното здравство. Со тоа сериозно го имаме зајакнато потенцијалот и капацитетите на јавните здравствени институции. Тоа е резултат на подобрувањето на состојбите во јавното здравство, на новата медицинска опрема, овозможувањето на едукација во врвни здравствени установи во Европа и САД, истакна Тодоров.  

Според него, важно е што во оваа група од 35 доктори има тројца гинеколози од кои еден ќе биде вработен во Општата болница во Струмица, а во наредните две години ќе работи во Општата болница во Гевгелија со што ќе се пополни недостатокот од ваков кадар во овој регион, како и вработувањето на специјалист по нанофизиологија кој ќе работи во Диспанзерот во Кочани, кој подолго време беше затворен.

Министерството за здравство планира да објави и трет оглас на кој се надеваат дека ќе се пријават специјалисти кои ќе сакаат да работат во јавното здравство.

01.09.2013 - 13:39

најчитано сега