Учениците од Вевчани утре ќе влезат во ново училиште

Околу 250 ученици во Вевчани учебната година од утре ќе ја почнат во нова, современа училишна зграда, која денеска ја пуштија во употреба министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и градоначалникот Цветомир Угриноски.

Новиот објект, со карактеристична вевчанска архитектура, зафаќа 2.450 метри квадратни и има капацитет за сместување на повеќе од 300 ученици во една смена. Располага со 18 училници и кабинети каде учениците, придружни простории, канцеларии високосовремена кујна, како и сопствено парно греење. Вредноста на објектот е 65 милиони денари од кои 62 се обезбедени од Буџетот на МОН, а три милиони за целосно опремување се донација на МЕПСО.

При изработка на проектот, како што информира ресорниот министер, се обрнало внимание училиштето да ги задоволи сите критериуми и стандарди за квалитет, но и да се вклопува во околината.

- Наш приоритет е на сите ученици е да им обезбедиме можност, но и квлаитетни услови за изведување воспитно-образовниот процес. Со реализација на проектот одговоривме на потребите на учениците од оваа општина и на нивните родители, на сегашните, но и на многу идни генерации, рече Ристовски.

Според градоначалникот Угриноски, опременоста на училиштето е на високо ниво. - Објектот на општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ е наменет за 260 ученици, а наставата ќе се одвива во 18 училници и кабинети со што нашето училиште ќе се вброи во групата високо современи училишта каде целокупната настава ќе биде кабинетска, а наставниот кадар уште помотивиран за нови образовни резултати, рече Угриноски.

Тој побара вработените да водат посебна грижа за објектот, како и за опремата во него, за да може, рече, што повеќе генерации да ги почуствуваат благодетите на современата настава во пристојни услови.

Пристапниот пат до училиштето е асфалтиран со грант од Светска банка, обезбеден преку Министерството за финансии. 

01.09.2013 - 13:35

најчитано сега